Џафери рече дека како поднебје сме подложни секогаш кога има проблеми да се зборува за пречките, а не за решението, и затоа на последната седница на Влада издал задача на Министерството за внатрешни работи на дневна основа да доставуваат информации за примени барања за издавање на документи, како и за издадени документи.
Посочи дека Министерството е надлежно како институција, без оглед дали го раководи лице од опозицијата или мнозинството, да дава точни и соодветни информации, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните.
„Тие на дневна основа треба да ја информираат јавноста колку обрасци примиле, колку издаваат. Не би било соодветно јас да давам информации по тоа прашање. Мојот апел е да не се служат со неточни информации, тоа најмногу штета им прави на тие што се служат со неточни информации. Ако идејата за дневна политика е кој колку поени ќе добие, а кој колку ќе изгуби, погрешен им е пристапот, оти надлежноста е нивна и обврскага да обезбедат услуга за граѓанинот, а не да се караат меѓу себе кој каков податок ќе дава. Така што, во тој контекст апелот е да се даваат точни информации и од таа причина официјално барав на дневна основа да се има извештај по однос на состојбите“, рече Џафери.
Додаде дека во текот на денот очекува да го добие првиот извештај, со оглед на тоа дека пред два дена побарал од МВР да доставува информации на дневна основа.