четврток, 31 октомври 2024

Џафери: Ако не се изгласа Изборниот законик пред распишување на изборите, ќе биде усвоен на Влада и вратен до Собранието

Премиерот на техничката Влада Талат Џафери вели дека тој не бил пречка за избор на нов член на Државната изборна комисија (ДИК), како што сакаат тоа да го претстават партиите на Албанците во опозиција и им порачува тие да разговараат со партиите што треба да гласаат во Собранието бидејќи е потребно двотретинско мнозинство. Во однос на Изборниот законик со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, кој е заглавен во Собранието, вели дека доколку не се изгласа пред распишувањето на изборите следната недела, Владата ќе го разгледа предлогот од Министерството за правда и откако ќе помине на седница ќе го прати во законодавниот дом. Во интервју за МИА, Џафери зборува и за Законот за рестриктивни мерки, за екстрадицијата на Палевски од Турција, за штрајкот на вработените во ФЗОМ, за проблемите со вадењето на лични документи.

Објавено на

часот

Сподели

“Опозицијата треба да прави напори да обезбеди соодветна комуникација со политичките партии коишто одлучуваат, што имаат глас во Собранието имајќи предвид дека изборот е со двотретинско мнозинство и да престанат да се занимаваат со расправа околу процедурата, туку треба да му обезбедат на претседателот на Собранието да може да има предуслови да дојде што побрзо точката на дневен ред, што побрзо да се изјаснат пратениците за едниот предлог“, вели Џафери.

Во интервјуто тој не кажува зошто парламентарните партии не можат да се усогласат за Изборниот законик, но посочи дека прашање за Изборниот законик добил и на вчерашната средба со амбасадорите на ЕУ.

„Мојот став е до наредна седница, следната недела на Владата да чекам, значи пред распишување на избори, доколку нема предлог конкретен по однос на она што е драфтот, по претпоставка дека е усогласен затоа и го пратиле како предлог за да се дистрибуира до пратениците да го пуштат во постапка, тогаш Владата уште еднаш ќе го разгледа како материјал, ќе го прати во Собранието во соодветна постапка и тогаш настапуваат обврските на Собранието да го донесе Изборниот законик“, истакнува Џафери

Имајќи предвид дека од распишување до одржување на изборите има минимум 70 дена, смета дека е доволно време да се донесе законикот и соодветно да се постапува по одредбите од законот.

Во однос на случувањата во Алијанса за  Албанците (АА) и дали министрите од оваа партија ќе останат во Владата со оглед на тоа што лидерот на АА, Арбен таравари одлучи да се оди во опозиција, Џафери вели дека ја следи ситуацијата во Алијанса на Албанците, која има тројца министри во владиниот состав, и дека ќе постапи согласно неговите надлежности. Џафери вели дека нема да се раководи од Фејсбук статуси, туку дека членовите на Владата од оваа партија ќе треба официјално по институционална линија да се изјаснат во ситуација кога имаат спротивставени ставови дали имаат чувство на припадност на овој состав или не.

„Јас сум премиер на Владата и сум излегол пред Собранието со предлог на состав на Владата и програма и моите надлежности се да ја следам работата на Владата, да констатирам дали сите членови на Владата се во рамки и во правец на исполнување на она што е програмска определба за што овој состав добил подршка соодветно од Собранието. Секако, не спорам во правото на учесниците да ги преиспитаат своите ставови во однос на учеството во Владата така што секој еден член на Владата е слободен да се изјасни во однос на својот статус. Мое е да следам и во меѓувреме сходно на однесувањето и изјаснувањето и да постапам во рамки на моите надлежности, а моја надлежност во такви ситуации како крајна е да излезам пред Собранието со други предлози, но во секој случај по соодветни консултации во однос на ситуацијата. Јас ја следам состојбата. Не ги коментирам состојбите“, категоричен е Џафери.

За екстрадицијата  на Љупчо Палевски од Турција, осомничен за убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, Џафери вели дека не сака да прејудицира дали посетата на министерот за правда Кренар Лога на Турција би можела да ја забрза екстрадицијата на Палевски, но нагласува дека е неопходна лична и директна комуникација за да се види што треба дополнително да се направи.

„Па сега не сакам да прејудицирам која, што ќе биде содржината на разговорите таму. Но, во секој случај неопходна е комуникацијата директна и лична таму да се биде, за да се види кои би биле постапките, процедурите, што би требало дополнително, евентуално, да се направи. Затоа е таа лична комуникација и е воспоставена во рамки на меѓународната соработка со соодветните братски институции со коишто соработуваме и со коишто соодветно имаме билатерални спогодби за комуникации“, вели Џафери.

Џафери вели дека една од причините за повлекувањето на Законот  за  рестриктивни мерки   е дека во составот на Владата имало несогласувања околу текстот на законот. Потребно е, вели тој, да се создаваат нови дополнителни можности за да се спроведат правните аспекти, но, додава дека, законот треба да се гледа и од политички контекст за да биде исполнета неговата цел.

„Моето гледиште е политичко, како политичко решение во смисла создавање предуслови за зацртување на предусловите за борбата против корупцијата и организираниот криминал. И ако тоа би требало да биде додадена вредност за напорите на државата за справување со таа појава во тој контекст е политичка одлука. Мислам дека е неопходно законот да не се гледа стриктно само од правен аспект, туку и од политички контекст за да ја има прифатливоста по однос на целта која што се поставува пред законот. Правниот дел, професионалниот дел, јас не би сакал да го оспорам секако фелата си има право да си гледа, меѓутоа покрај правниот аспект државата има политички обврски и можности и потреби кон граѓаните да излезе со дополнителни мерки по однос на борбата со корупцијата“, рече Џафери.

Џафери одржал координативна средба со претставници на институциите за да се согледаат причините за штрајкот во Фондот за здравствено осигурување. Тој вели дека треба повторно да се разгледа одлуката со која се препорачува намалување на платите на вработените во ФЗОМ.

„Тоа е последица на Законот односно одлука која што ќе треба да се доразгледа, во кој дел е спорна и зошто требало како резултат на одлука за методологија на определување на бодови на обезбедување на платите… за да се дефинира точно каде е изворот на тоа и таму више да се попречи институционалниот аспект на изворите на таков излив на незадоволство“, смета Џафери.

Нагласува дека правото на штрајк е неспорно и право обезбедено за секој, но оти институциите имаат обврска да ги спроведат своите обврски за да не дојде преку штрајк да се остваруваат одредени права.

Во врска со штрајкот на студентите, Џафери рече дека „бирократското однесување“ на некоја институција, придонело да има задоцнета исплата.

 

Џафери во интервјуто за МИА најави дека на денешната владина седница ќе има поконкретни решенија за проблемот со патните исправи. До 12 февруари граѓаните треба да ги заменат патните исправи поради промена на името на државата.

„Ќе се реферира по однос на гледиштата и она што сметаме дека е изводливо би било како одлука конечна како би се спровело, а она што би сметале дека е неспроводливо ќе треба да најдеме алтернатива кое би било решението“, рече Џафери без да открие детали.

Со стари патни исправи ќе останат и нашите државјани во странство и не ќе можат да се вратат дома. Џафери потенцира дека државјанин на Република Македонија и без ниеден документ ако дојде до граница за влез во државата – државата е должна да го потврди неговиот статус по однос на државјанството и доколку се потврди државјанството е должна да го пушти без ниеден документ.

Посочи дека околу 10 000 граѓани дневно поднесуваат барања за пасоши, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни дозволи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ