петок, 14 март 2025

Две третини од Полјаците сакаат во нивната земја да биде разместено нуклеарно оружје

Претседателот на Полска Анджеј Дуда, и покрај одбивањето од Вашингтон, го повтори во изјава за британски Би-би-си апелот Соединетите Американски Држави во рамки на програмата Нуклеарно споделување да разместат свои нуклеарни проектили и на територијата на неговата земја, а за тоа, според најнова анкета, има поддршка од дури 63 отсто Полјаци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Состојбата толку се смени што Полјаците се склони на тоа да се размести нуклеарно оружје. Во овие немирни времиња мораме да имаме заштитен чадор. Време е во Полска да се почне храбра дебата за нуклеарното вооружување“, порача за полскиот таблоид Супер експрес, кој ги објави резултатите на анкетата, поранешниот командант на копнената војска на Полска генералот Валдемар Скшипчак.

Во интервјуто за Би-би-си полскиот претседател го повтори апелот од пред неколку дена од интервјуто за весникот Фајненшал тајмс и кажа дека американските нуклеарни ракети какви што имаат пет земји во рамки на програмата нуклеарно споделување, за чија употреба решава Вашингтон, во Полска би биле добро орудие за одвраќање на Русија од напад.

„Таа иста Русија која денес ја напаѓа Украина, која е агресор, која убива цивили, која бомбардира цивилни населби го пренесува своето нуклеарно оружје од Русија во Белорусија. Оваа одбранбена тактика би била клучен одговор на тоа што Русија го премести своето нуклеарно оружје на границата на НАТО пактот. Полска е спремна да го прими тоа оружје“, кажа Дуда, а пренесуваат полските медиуми.

Полскиот претседател го повтори тој апел и покрај тоа што функционери на полската влада на чело со премиерот Доналд Туск го предупредуваа дека такви работи не се договараат преку медиумите, а министерот за внатрешни работи Томаш Шемоњак порача дека Дуда на идејата ѝ нанесува штета бидејќи таквата офанзива преку медиумите и социјалните мрежи може да минира добра иницијатива.

Како и претходно кога претседателот на Полска побара од САД да ја вклучат и неговата земја во Нуклеарното споделување и сега од Вашингтон веднаш стигна категорично не.

„Не сум зборувал за тоа конкретно со претседателот (Доналд) Трамп, но би бил шокиран кога тој би поддржал преместување на нуклеарното оружје подалеку на исток“, кажа вчера за американската телевизија Фокс њуз американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс.

Дека идејата е добра, но дека тоа не се прави така со јавни апели кажа премиерот на Полска Доналд Туск кој претходно го поздрави предлогот на францускиот премиер Емануел Макрон да го прошири нуклеарниот чадор на Европската Унија.

Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски кажа дека прашањето на нуклеарното оружје во Полска може да се реши само преку дискретен дијалог.

„Ако нашиот претседател за 10 години не научи дека надворешната политика ја води владата сигурно повеќе нема да научи. Би сакал тоа прашање да се разгледа во групата за нуклеарно планирање и тоа во дискретен дијалог со земји кои го имаат тоа оружје“, кажа Шикорски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ