Како што информираат од ЈОРСМ, најпрво автомобил “фолксваген голф” излетал од патот и се превртел, при што животот го загубил еден од сопатниците во автомобилот, додека неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди. Јавниот обвинител ги презел сите дејствија за обезбедување на доказите и за испитување на причините за несреќата, а за починатиот е издадена наредба за обдукција.
„Но, додека на лице место се преземале дејствијата за увид, на обележаната локација влетал друг автомобил, кој најверојатно според првичните сознанија поради неприлагодена брзина удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници кои го вршеле увидот. Во сообраќајната несреќа потешко повредена е и сопатничката во автомобилот“, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Јавниот обвинител постапува и презема дејствија за испитување на причините и за оваа несреќа.
Според извештајот на МВР, вчера во 13.45 часот во ОВР Крива Паланка било пријавено дека на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, во с.Градец, кривопаланечко, патничко возило „фолксваген голф“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Б.С.(74) од Крива Паланка, излетало од патот.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Б.П.(80) од Крива Паланка и бил пренесен во Ургентен центар Куманово, каде што починал. Додека со телесни повреди се здобил возачот Б.С. и сопатникот М.П.(47) од Крива Паланка. За време на вршење на увидот, во 17.39 часот, патничко возило „опел корса“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Р.И.(71) од Крива Паланка, удрило во патничко возило „мерцедес“, сопственост на Јавното обвинителство Куманово и во четири полициски службеници кои биле на увидот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Ј.С.(59) од Крива Паланка, додека со телесни повреди се здобиле возачот на возилото „опел корса“, двајца полициски службеници и една полициска службеничка, констатирани во болницата во Куманово. Увид на местот на несреќите извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Куманово“, опишан е настанот во билтенот на МВР.