четврток, 23 мај 2024

Две 80-годишни климатски активистки оштетија витрина со примерок од Магна карта (ВИДЕО)

Две 80-годишни жени се уапсени денеска во Британската библиотека во Лондон бидејќи со длето и чекан ја оштетиле витрината во која се наоѓал примерок од документот „Магна карта либертатум“ (Големата повелба за слободата) од 1215 година, но документот не е оштетен.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Тој документ, кој се смета за основачки текст на модерната демократија, установува дека кралот и неговата влада не се над законот.

Еколошката група „Само запрете ја нафтата“ (Just Stop Oil), која се залага земјите да ја прекинат употребата на фосилни горива до 2030 година и чии претставнички беа уапсени, објави видео од нападот и рече дека тие потоа една на друга си ги залепиле рацете со селотејп.

Британската библиотека, која има два од четирите зачувани примероци на документот „Магна карта либертатум“, преку мрежата Икс објави дека ја затвора галеријата во трезорот каде што тој е изложен.

Магна карта либертатум инспирираше многу фундаментални правни текстови, вклучително и Уставот на САД од 1787 година и Универзалната декларација за човекови права од 1948 година.

Жените што ја оштетија витрината во соопштение рекоа дека го нападнале тој документ за да ја „нагласат опасноста од климатските промени“ и дека „Магна карта со право се цени бидејќи е од големо значење за нашата историја, нашите слободи и нашите закони, но нема да има слобода, правда и права ако дозволиме климатските нарушувања да станат катастрофата што сега се заканува“.

Џуди Брус (85) рече дека „тој познат документ се занимава со владеењето на правото и противење на злоупотребата на власта, а нашата влада ги крши сопствените закони“, а свештеничката Сју Парфит (82) рече дека како христијанка е принудена да направи сѐ што може за да ги „ублажи страшните страдања што доаѓаат и што веќе пристигнаа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ