понеделник, 17 јуни 2024
Kампања на ЕУ „Од нас направено“

Двајца млади влогери во посета на македонски градови и села

Објавено на

часот

Сподели

Елена и Ник се дел од кампањата „Од нас направено – патување низ ЕУ и Западен Балкан“ на проектот „WeBalkans“ на Европската Унија, која има за цел да ја подигне свеста за можностите создадени од партнерството меѓу Унијата и Западниот Балкан.

Почетокот на кампањата беше означен денеска во Europe House – Skopje, каде амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир му посака добредојде на Белгиецот Ник и му порача дека Македонија има прекрасни места кои имаат што да понудат.

„Ова е одлична иницијатива. Навистина е одлична можност да се спојат млади луѓе заедно и преку вашите очи да покажете што оваа држава има да понуди, но и зошто сме блиски и зошто ефективно сме Една Европа“, рече евроамбасадорот Гир.

Тој додаде дека оваа кампања се спроведува во Европската година на вештините, кога целта е да се покаже дека младите ги имаат потребните вештини за да излезат на пазарот на трудот и да ги претстават своите таленти.

Станува збор за трета кампања организирана од ЕУ во шесте држави на Западен Балкан и истата е дел од програмата за комуникација на ЕУ за овој дел од светот. Целта на кампањата, како што рече координаторката на Европската мрежа на млади амбасадори, Дона Срџиќ Лазаревска, е да се подобри знаењето за вредностите на ЕУ во Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.

„Оваа кампања има цел да обезбеди информирани јавни дебати за придобивките од пристапувањето кон ЕУ. Целта е да покаже на кој начин ЕУ инвестира во регионот со цел да изгради подобра иднина за сите, но и да покаже колку се поврзани земјите од Западен Балкан со ЕУ и дека моќта на луѓето е таа којашто создава можности. Можеме да видиме на кој начин животите на луѓето се менуваат благодарение на овие можности кои ЕУ ги нуди во овој регион“, рече Срџиќ Лазаревска.

Таа потсети дека пораката на проектот е оти Западниот Балкан расте и се развива со инвестиции од ЕУ, особено со оние кои се однесуваат на младите луѓе.

„Ник и Елена ќе имаат можност да посетат многу од иницијативите на ЕУ и да видат што ЕУ има понудено за младите во Северна Македонија и на кој начин ова влијаело врз нивните животи“, додаде координаторката Срџиќ Лазаревска.

Како дел од кампањата „Од нас направено – патување низ ЕУ и Западен Балкан“, 12 млади луѓе во текот на 42 дена ќе патуваат низ шесте држави на Западен Балкан и ќе се потрудат преку видеосодржини да ги прикажат најдобрите места што ги посетиле и приказни што ги дознале.

Елена и Ник како дел од дванаесетте влогери, од денеска па до недела ќе истражуваат различни дестинации, пејзажи и искуства во Северна Македонија.

Белгиецот Ник Ван Пут има 29 години и е градежен инженер, а сподели оти има пасија и за фотографирање. Додаде дека е возбуден што заедно со Елена ќе ги истражуваат македонските градови и села.

„Многу ја сакам природата, навистина сум среќен што сум во Северна Македонија, земја на природа и планини, бидејќи во мојата земја нема планини. Не е само природата, ми се доаѓа и културата, сакам да патувам. Никогаш не сум бил во ниту една земја на Западен Балкан, не знам како е, каква е храната, какви се луѓето и тоа е навистина важно за мене да го знам. На социјалните мрежи многу луѓе патуваат на многу места, но никој на оди на Западен Балкан. Сакам да го променам тоа. Вашиот регион и државите имаат многу што да понудат. Европските проекти се навистина интересни и сакам да видам што прават тие и на кој начин помагаат“, рече Ник при претставувањето.

25-годишната Елена Василевска од Скопје, пак, работи како креаторка на содржини за социјалните мрежи и ја дели пасијата на Ник за фотографирање. Сака да патува и да ја документира убавината на секојдневниот живот. Елена додаде дека е подготвена заедно со Ник да ги истражуваат локациите низ земјава.

„За ова патување ќе правам содржини на мојот телефон и на тој начин планирам да го претставам патувањето на Инстаграм и на каналите на WeBalkans. Едвај чекам заедно со Ник да патуваме низ градовите, националните паркови и езерата“, рече Елена.

Тие двајца во наредниве седум дена, освен Скопје, ќе ги посетат и Битола, Охрид, Струга и Тетово, како и околните природни и културни знаменитости.

Македонија е третата земја која влогерите ќе ја истражуваат. Кампањата започна со Црна Гора и Косово, во наредниот период други влогери ќе ги посетат и Босна и Херцеговина, Србија и Албанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ