„Од 1 јули до 11 јули 2024 потрошени се 155.973 MВч електрична енергија што се должи на високите температури. Најголема потрошувачка е регистрирана на 11 јули, во четвртокот, кога беа потрошени 16.267 MВч“, велат од ЕВН за МКД.мк и потсетуваат дека токму тој ден беше и најтоплиот во овој период, кога најниската измерена утринска температура во Македонија била 20°С, а максималната секаде била над 30 степени, со максимално измерена температура од 40°С на скопскиот Аеродром.
„Минатата година вкупната потрошувачка на електрична енергија, за периодот 1 јули 2023 до 11 јули 2023 изнесувала 134.493 MВч. Просечната дневна потрошувачка за тој период изнесувала 12.226 MВч“, велат од ЕВН со тоа укажувајќи на фактот дека во изминативе денови од годинешниот месец јули значително е зголемена потрошувачката на струја.
„Разликата во потрошувачката на електрична енергија се јавува заради разликата на температурите, затоа што од втората недела на јули температурите се далеку над просекот“, нагласуваат од ЕВН во малата статистика изготвена на барање на МКД.мк., а се однесува на потрошувачката во домаќинствата.
Треба да се има предвид дека потрошувачката на струја во индустријата е многу поголема и секако дека е зголемена во услови на тропски температури, затоа што не само што треба да се разладуваат луѓето со разладни уреди, туку и просториите каде на разните видови на машини или други уреди им е потребна минумум просечна или ниска температура.
Инаку, зголемената потрошувачка на струја во време на екстремно топли денови се јавува поради масовната употреба на клима-уреди, вентилатори, фрижидери, замрзнувачи и други видови разладни уреди во домаќинствата.
Потрошувачката од истите причини е зголемена и во сите објекти на државниот и приватен стопански, административен и здравствен сектор, а особено во производствените простории.
Останува да се апелира на рационално трошење на струјата за да не колабира целиот систем. Треба да се има предвид дека и една обична сијалица зрачи топлина, како и разни други уреди кои би требало да се исклучат доколку во моментот не се користат.
Од друга страна, поради високите температури, зголемена е и потрошувачката на вода, особено во Скопје, па од претријатието Водовод апелираат водата за пиење од системот да не се користи за полевање на дворови и бавчи или миење на автомобили, за да не дојде до проблем со водоснабдувањето.
П.Џ.