„Поради растот на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата, на почетокот на неделата, Собранието на предлог на група пратеници ги изгласаа измените на Законот за заштита на потрошувачите. Со овие измени, трговците, почнувајќи од средината на април, ќе имаат задолжителна обврска да ги објават цените на сите производи на своите интернет-страници. Законот, кој очекуваме деновиве да биде објавен во Службен весник, предвидува во рок од 45 дена, од денот на влегување на сила на истиот, трговците на своите веб-страници да ги објават цените на сите производи кои ги продаваат во своите продавници“, рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Тој информираше дека во наредните десет дена ќе бидат објавени и правилниците кои ќе пропишуваат на кој начин ќе треба да се објавуваат цените од страна на трговците. Напомена дека со овие законски измени очекуваат поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкурентност и намалување на цените.
„Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари. Ќе знаат секој производ во кој маркет и по која цена се продава. Можат сами да изберат кој производ да го земат и од кој маркет. Ваквата мерка ќе придонесе и до зголемување на конкурентноста меѓу трговците и намалување на цените на производите. Потрошувачите ќе бидат целосно информирани за тоа кој производ колку чини“, додаде Дурмиши.
Како што подвлече, овој закон се однесува на мали и средни претпријатија, не ги опфаќа микротрговците и трговците поединци, односно маалските дуќани.
„Оваа законска измена следува откако минатата недела Владата по предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на маржите на 120 групи на основни прехранбени производи и на производите за хигиена, како и за ограничување на производите на осум групи на најасновните прехранбени производи“, рече министерот.
Како што и претходно информираше, овие две мерки се веќе на сила и ќе траат заклучно до 30 април, а ќе бидат опфатени и претстојните празници.
„Со одлуката за ограничување на бруто профитната маржа на трговија на големо и мало на 120 групи на производи или на над илјада прехранбени и непрехранбени производи, опфатени се пет проценти бруто профитна маржа на основните осум прехранбени призводи – млеко, леб, брашно, јајца, масло, јогурт, кисело млеко и други. Десет проценти бруто профитна маржа на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранбени производи – месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини и други. Петнаесет проценти бруто профитна маржа на 39 прехранбени производи – свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија“, рече Дурмиши.
Како што напомена, Државниот пазарен инспекторат е на терен и инспекторите постапуваат по одлуката дали маркетите ги усогласиле своите цени на полиците.