сабота, 27 јули 2024

ДУП-от кој ја пишмани општина Куманово?

Објавено на

часот

Сподели

    Советот на општина Куманово го суспендираше Деталниот урбанистички план (ДУП) на локацијата позната како „школска амбуланта“, истиот состав на општински советници кои го изгласаа истиот ДУП пред две години, поточно во декември 2021 година.

    Советот со мнозинство гласови го суспендираше планот од причините кои беа изнесени на маратонската седница која се одржа на 6 јуни и покрај противаргументите .  

    Одлуката беше донесена иако ѝ претходеше граѓанска петиција потпишана од околу 30 граѓани како засегната страна и поднесена до градоначалникот, до Советот и Секторот за урбанизам.

    Според постоечкиот детален урбанистички план таму требаше да се изгради повеќекатница за колективно домување, но мнозинството на советот и градоначалникот Максим Димитриевски оценуваат дека со тоа се крши јавниот интерес и затоа е суспендиран.

    Станува збор за детален урбанистички план за дел од урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. „Б. С. Гојчо“, дел од урбан блок 44, плански опфат помеѓу бул. „Трета МУБ“, ул. „Перо Чичо“, ул. „Прва Петолетка“ и ул. „Миле Кипра“ – Општина Куманово, (2018-2023) со површина од 3,24ха.

    s

    Реакција и петиција на граѓаните

    Засегнатите граѓани потписници на петицијата велат дека се загрижени и револтирани од ваквата одлука, каде што тие се жртви. Тие прашуваат како може план кој е донесен само пред две години од истиот состав на Советот,  да се повлече со образложение дека не ги исполнува условите. Според жителите, со постапката се крши законот од лични причини, а најголема штета ќе претрпат тие како сопственици на парцелите.

    ДУП-от е донесен по повеќе од 10 години откако првпат е поднесен како предлог, неколку пати се усвојувани приговори на нацрт планот, и конечно после неколку корегирања, токму овој Совет на општината го прогласи за донесен на 28 декември 2021 година. Па сега не е јасно од каде предлагачот утврдил „несомнена штета на јавниот интерес и го суспендира истиот донесен ДУП од пред две години. Доколку планот бил противзаконски (кое нешто е основна причина за суспензија согласно чл.23 од Законот за урбанистичко планирање), тогаш се поставува прашањето, зошто Советот воопшто го има донесено. Планот бил на ревизија пред Министерство за транспорт и врски неколку пати и истиот е донесен во законски пропишана постпака“, велат засегнатите граѓани.

    Граѓаните велат дека од нивна страна се направени претходни вложувања откако е донесен ДУП-от, што значи настанати се трошоци, и прашуваат кој ќе им ги надомести тие трошоци.

    „Како граѓани ние бараме што побрзо да има решение, кое треба да се донесе на најдемоктратски начин. Во неофицијални разговори со советници што гласаа добивме информација дека им биле презентирани неточни информации и манипулаци дека се крши јавниот интерес. И како граѓани основно демократско право е да бараме да учествуваме во јавна расправа. Целта на нашата петиција беше да се одложи оваа точка на дневниот ред, да се свика јавна расправа каде ќе бидат поканети луѓе од стручна фела, засегнати сопственици, и другата страна, општината како и другите институции и медиумите, каде ќе се презентираат сите аргументи и документи. Но тие нѐ одбија, значи не сакаа да се слушне граѓанскиот глас“, реагираат граѓаните потписници на петицијата.

    Според нив, градоначалникот единствено има само некакво фингирано писмо кое по негов налог е направено од страна на директорката на гимназијата, дека има засенчување на гимназијата, и со оваа се загрозува јавниот интерес.

    Тие објаснуваат дека ова не држи, затоа што ориентацијата на планираниот нов блок е исток-запад и исто така е и гимназијата, и со тоа нема шанси да се направи засенчување.

    Но, за жал имаме незаконско суспендирање под неиздржани изговори од типот тесни пристапни улици, лажирани мерки за висина на градба од 27 метри и ред други лаги и манипулации. Суспендирањето на важечкиот ДУП најмалку ќе ги оштети инвеститорите (што веројатно е и целта на градоначалникот), а најголема штета ќе се предизвика на граѓаните сопственици на имот во тој опфат“, велат граѓаните. 

    Димитриевски: Се крши јавниот интерес

    Според градоначалникот Максим Димитриевски во овој опфат се крши јавниот интерес, и тој во врска со ова ја потенцира гимназијата „Гоце Делчев“ и  „школската амбуланта“.

    „Со донесениот детален урбанистички план во овој опфат се загрозува јавниот интерес на гимназијата „Гоце Делчев“ каде што учат над 1.000 ученици. Со дополнителното известување дека ако се реализира овој ДУП од страна на општината, градоначалникот е должен за спроведување на одлуките на Советот. Затоа јас сум тука пред Советот со едно вакво барање да се суспендира еден ваков ДУП. За истиот и јас дополнително, во фаза на неговата реализација добив поголем број на дополнителни информации и укажувања од страна на надлежни институции во државата коишто ги опфаќа Законот за заштита на јавниот интерес. Можете да ја релативизирате колку сакате ‘школска амбуланта’, ама таа е здравствена институција и објект од јавен интерес, објаснуваше градоначалникот, Максим Димитриевски дента кога се суспендираше планот.

    Според него, друг проблем е што планираните високи згради ќе го земат воздухот и светлината на зградата на гимназијата.

    „Во нашето јавно претпријатие направивме симулација на сенки. Значи, гимназијата ‘Гоце Делчев’, не зборувам веќе за здравствениот дом, од сабајле од 10 часот па до заоѓање на сонцето е во голема сенка. Претходно овој совет донесе одлука да се постават соларни панели со капацитет 40 мегавати на оваа институција и сега нивната функција утре ќе биде загрозена со ваквото поставување на овие објекти на оваа локација”, рече Димитриевски.

    Според Димитриевски, доколку тој ден не беше донесена таква одлука, ќе се одело и на референдумско изјаснување на граѓаните. Димитриевски рече дека за овој случај бил предмет на обид за поткуп.

    Во врска со петицијата на граѓаните на оваа локација кои бараа од општината да не се суспендира ДУП-от, Димитриевски рече дека некој ги довел во заблуда.

    Градоначалникот најавува нов детален урбанистички план, доколку, како што рече, не наиде на опструкција од ресорните министерства.

    Дали ќе донесеме ДУП? Да, ќе донесеме доколку во меѓувреме не бидеме опструирани од ресорни министерства кои даваат согласност. И ќе донесеме идеален ДУП кој ќе ги задоволи потребите и на сопствениците на земјиштето, но и јавниот интерес. Но, ако не опструира државата тогаш ќе ја пренесеме тужбата на штета на државата за одлучување во неразумен рок. Знаете колку правни постапки води општината во кои надлежните судови не одлучуваат во разумен рок, ниту пак надлежните институции? Сите спорови се изгубени. Правдата е тешка, но доаѓа, рече тој.

    c

    Инвеститорот: Загубите се големи

    Бобан Спасовски, еден од инвеститорите од компанијата УПМ-груп, кој исто така е познат како сопственик на познатата компанија „Делукс“ од Куманово вели дека загубите се големи како за инвеститорите, така и за останатите граѓани кои имаат градежни парцели во истиот опфат на ДУП-от. 

    Тој објаснува дека опструкциите почнуваат само затоа што тие се инвеститори и нивната компанија е неподобна за градоначалникот Димитриевски. 

    „Откако дозна дека и ние тука сме како инвеститори, во тој момент почнуваат опструкциите од негова страна, по што дава наредби дека по секоја цена треба да се најде начин да се спречи издавање на дозвола за градење“, рече Спасовски.

    Според него, градоначалникот ги употребил сите начини, на крај употребувајќи го и Советот на Општината.

    „Градоначалникот носеше решенија, но истите беа поништени од второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски, но тој не ја почитуваше ова одлука. Потоа, Уставниот суд ја прифати нашата иницијатива и му ја поништи одлуката во јануари 2023 година. Но тој во секој момент упорно бараше начини како да спречи издавање на одобрение за градење“, изјави кумановскиот инвеститор.

    Спасовски информира дека е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба која е во процедура.  

    „Без разлика на сите одлуки тој суспензијата ја става на Совет и ја усвојуват. На истото поднесовме тужба до Управен суд и чекаме одлука на судот. Ние ги информиравме сите релевантни институции за ваквото незаконско однесување, меѓутоа зачудени сме како не најдоа начин да му застанат на патот на вакво однесување. Ние исто така подготвуваме тужба со оштетно побарување, поднесовме барање до министерот за транспорт и врски да му ги одземе надлежностите и чекаме одговори од сите овие институции по што ќе носиме одлуки што понатаму“, изјави Спасовски.

    Според него, загубите се големи како за нив како инвеститори така и за останатите граѓани кои имаат градежни парцели во истиот опфат на ДУП-от.

    „Ние во моментов имаме ангажирани вешти лица кои прваат вештачење на штетата. Првично штетата е некаде околу два милиони евра, но жалосно е што штетата ќе ја плаќаат граѓаните кои не се виновни, а нема да ја плаќа градоначалникот“, вели познатиот кумановски бизнисмен Спасовски.

    Советот за и против?

    Суспендирањето на ДУП-от се усвои со гласовите на коалицијата „За наше Куманово“ како и на другите партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

    Претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“  ја образложува одлуката за суспендирање на ДУП-от, која според неа прави огромна штета на јавниот интерес.

    „Навистина  жалам што спорниот ДУП кај здравствниот дом е донесен од овој состав на Советот и тоа на почетокот на нашиот мандат, на третата работна седница. Изгласавме ДУП кој според сите спроведени процедури е законски, но кој прави огромна штета на јавниот интерес за кој дополнително сме известени од загрозените институции кои воопшто во постапката за давање на согласност не биле прашани од страна на ресорните министерства за здравство и образование за давање на претходно мислење за ДУП-от“, рече Ѓорѓиевска.

    Според неа, лесно е од Скопје некој да дава мислење за Куманово, треба да се живее овде да се согледаат реално сите состојби и дури тогаш да се даде мислење.

    Во овој случај јавниот интерес се согледува во намалувањето на габаритот на здравствениот дом и штетата која ќе настане поради катноста и сенките на целиот комплекс врз поставените фотоволтаици на гимназијата ‘Гоце Делчев’. Јавниот интерес се гледа и во слободниот пешачки простор. Мора да се напомене дека на тој потег поминуваат деца за во градинката ‘Ангел Шајче’, ученици од две големи основни училишта ‘Крсте Мисирков’ и ‘Браќа Миладиновци’, средношколци од гимназијата ‘Гоце Делчев’. Просторот наместо да се прилагоди и при донесувањето на ДУП-от да се проширува, тој се искористува максимално. Во здравствен дом доаѓаат ученици од сите училишта на систематски прегледи, на заливање на запчиња, некои училишта од руралните средини доаѓаат со организиран превоз, каде да се паркираат, како учениците да бидат безбедни? Спорниот ДУП предвидува поголема спратност, а помала површина на здравствениот дом. Реконструкција во догледно време нема да се случи, значи видикот, светлината на сите прозорци ќе биде блокирана затоа што предвидените станбени објектите се залепени до истиот”, изјави претседателката на Советот на Општина Куманово.

    Таа наведува дека на седница на Советот донесена е одлука која е во корист на идните поколенија, а не во корист на поединци и инвеститори.

    Постапивме  совесно водејќи се од стручниот елаборат за суспензија на применувањето на урбанистички план, изготвен од комисија за урбанизам, врз основа на добиени известувања од гимназијата и Здравствениот дом и  стручно мислење од вешто лице со лиценца за вештачење од областа на урбанизмот имајќи го во предвид и мислењето од  Министерството за транспорт и врски. На последната седница на Советот усвоивме одлука за зголемување на средства за ЈП ‘Куманово план’, кој треба во најкус можен рок да го изготви новиот ДУП. Никако не сум против развојот на градот, но мислам дека во централното градско подрачје не треба да се дозволи шаренило од семејни куќи, трикатници, седмокатници и деветокатници.

    Големите станбени објекти треба да се градат на слободен простор, а го има во Куманово и градот да се шири, а не да се концентрира во централниот дел.

    Во централниот дел треба да се спроведе смирен сообраќај поради огромното присуство на институции, пешаци, ученици и да се води строга сметка за нивната безбедност”, рече Ѓорѓиевска.

    Опозицијата предводена од СДСМ, апелираше да не се гласа одлуката за суспензија, со образложение дека таквата одлука ќе падне на Уставен суд, а во меѓувреме општината ќе добие тужба за отштета од инвеститорите.

    Александар Јовановски, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата Куманово рече дека во овој случај има незаконски постапки не водејќи сметка за штетата и законските процедури.

    Според него проблемите почнале откако градоначалникот Димитриевски дознава дека одредени неподобни’ инвеститори имаат земјиште таму и ќе градат. Тогаш започнуваат сите незаконски постапки кои тенденциозно се водат притоа не водејќи сметка за штетата и законските процедури.

    Најпрвин пред една година го наведе мнозинството на советот да донесе незаконска одлука со која најпрвин ги ограничи сите инвеститори во делот на изградбата на објекти, одлука за која и тогаш како советничка група на СДСМ и коалицијата реагиравме, укажувавме и апелиравме да не се носи затоа што навлегуваме во основното право на граѓанинот, право кое е уставно загарантирано, а тоа е правото на градење и дека како состав на совет одлуките кои се донесуваат се ставаат над законот во државата. Но попусто, одлуката беше донесена но подоцна оспорена и  поништена од Уставниот суд.  Кулминацијата на целава тенденциозна постапка и тврдоглавост на градоначалникот трае, и во јуни годинава на 25та седница на Советот на општина Куманово имавме предлог точка за суспензија на целиот ДУП. Мнозинството предводено од советниците на Димитриевски, ВМРО- ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива го гласаа срамното суспендирање на овој ДУП без притоа да земат збор и да дадат барем еден единствен аргумент во одбрана на градоначалникот и неговите намери“, вели Јовановски.

    Според него во овој случај најважно е загрозувањето на јавниот интерес како и петицијатата којa граѓаните ја доставија да не се оди спротивно на јавниот интерес и да не се гласа за суспензија, со што ќе нанесат штета на сите кои живеат во тој дел на градот.

    Одлука за суспензија на детални урбанистички планови се донесува согласно член 23 од Законот за урбанистичко планирање, врз основа на стручен елаборат за суспензија изработен од сектор за урбанизам при општината, но по претходно добиено мислење од Министерството за транспорт и врски. Добиеното мислење  од Министерството за транспорт и врски го негира во повеќе наврати самиот елаборат на општина Куманово и нема конкретни податоци за штетата по јавниот интерес. Но и покрај негативното мислење од Министерството за транспорт и врски кое општина Куманово го има добиено во врска со суспендирањето на ДУП-от и кое беше вешто затсркриено од јавноста и од нас како советници,  како и решенијата на Државниот управен инспекторат , секторот за управно надзорни работи при Министерството за транспорт и врски како и насоките од Уставниот суд и Второстепената комисија изгласана е срамната суспензија на овој ДУП. Во услови на веќе установена судска пракса и очигледно кршење на законската постапка , доколку овој нов ДУП не се донесе за една година, штетите кои општина Куманово ќе треба да ги исплати на инвеститорите по основ на тужби ќе бидат повеќе милиони евра. Наместо средствата собрани од плаќањето на даноци и комуналии да завршат со некој инвестициски опфат и некој нивни комунален проблем да биде решен, за жал ќе завршат на туѓи сметки по основ на судски решенија“, изјави Јовановски.

                                                                                                                Насер Пајазити, преземено од ИНА

    Со овој текст, ИНА се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

     

    ТОП ВЕСТИ

    ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ