недела, 23 март 2025

ДУИ и „сопругите од партијата“ бараат правичност и законитост за Крешник Бектеши, зашто „трпението имало граница“

Откако беше одреден 30-дневен притвор за поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши во врска со истрагата за неговата улога во доделување на лиценцата на трагичната дискотека Пулс во Кочани, каде пред една недела во пожар загинаа 59 лица, на социјалните мрежи со реакции за оваа одлука на судот се огласија неговата сопруга Илка Каба Бектеши, но и Валбона Османи, сопругата на поранешниот министер за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи. Со официјално соопштение излезе и партијата ДУИ, во кое се нагласува дека концептот на “верижни пропусти што довеле до трагедијата“ не постои во терминологијата на Кривичниот законик. Генерално, во реакциите се бара правните процеси да бидат праведни, транспарентни и засновани на закон, без влијание од терминологија која не постои правната терминологија и Кривичниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

Откако вчера му беше одреден 30-дневен притвор, Илка Каба Бектеши, сопругата на ексминистерот за економија Крешник Бектеши, во објавата на Фејсбу наведува дека тој не бил уапсен, туку сам отишол во полициска станица по добиена покана. Таа додава дека по разговорот го пуштиле да си оди дома, но откако се подготвил да излезе од станица му кажале дека му одредуваат 24-часовна мерка.

Според сопругата на Бектеши, апсењето на ексминистерот е оттргнување на вниманието од вистинските виновници.

„По три минути, додека се подготвувал за заминување, е известен дека му одредуваат 24-часовна мерка, без никакво предупредување или присуство на адвокат. Го земаат Крешник со врзани раце за медиумско шоу за да го испратат во Кочани. Едно треба да бидете сигурни, дека народот не може да биде дефокусиран од вистинските виновници, последната лиценца што Крешник ја издал е во 2021 година, објектот работи со лиценца од 2012 година“, пишува Илка Каба Бектеши на својот фејсбук-профил.

Таа во објавата вели дека за да се добие согласност од Министерството за економија, прво е потребна од Општина Кочани, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи, Пазарниот инспекторат и на крајот од Министерството за економија.

„Му определиле мерка 48-часовен притвор за тешко дело против општата безбедност, првично без правна основа. Крешник ниту бил причина за пожарот, ниту бил на должност во моментот кога се случила трагедијата. Очекувано е дека ќе се додадат уште 48 часа, бидејќи треба да добијат време за да ја префрлат вината на Крешник, но ова нема да помине, бидејќи вистината е со Крешник“, пишува таа, додавајќи дека претходната вечер адвокатот ја известил дека обвинителот побарал притвор од 30 дена за Крешник.

Во објавата таа додава дека тоа што од политичарите трагедијата се користи за политичко пазарење е надвор од секаков вид човечка норма.

„Се молам Господ да им даде сила на семејствата на жртвите да се справат со болката… сите што се лекуваат дома и во странство се во нашите молитви. Веста за возачот на Брзата помош чие срце престана да чука по таа страшна ноќ ми ја изгоре душата, се молам за момчето херој што спаси 21 живот без да размислува за себе. Тага за бендот кој го остави рефренот на полa, сите тие мајки што се молат тоа да не е реалност… колку болка“, додава таа.

Во објавата таа додава и дека тоа што Крешник Бектеши е во 30-дневен притвор за неа е предизвик.

„Сега сè почнува за мене како сопруга, како мајка на децата на Крешник… израснавме еден до друг во секоја димензија, ова ќе биде само предизвик уште еднаш да си докажеме еден на друг дека сме го направиле вистинскиот избор. Главата горе Крешник, Хана и Трими се гордеат со тебе, знаат дека тато има бело срце, толку бело како крилјата на пеперутката на која си ѝ помогнал во градината во дворот. И силно како името Крешник со кое те крстил вујко ти во отсуство на татко ти кој беше на печалба“, пишува сопругата на Крешник Бектеши.

Веројатно како поддршка на семејството Бектеши, на социјалните мрежи со став за притворот на ексминистерот за економија се изјасни и Валбона Османи, сопругата на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

“Молчиме затоа што очекуваме институциите да си ја завршат работатата“, пишува Валбона Османи, која порачува дека нема да биде дозволено некој да се скрие зад невините.

Од неа споделениот пост оригинално го објавува локалната канцеларија на ДУИ во Кичево.

Сопругата на Бујар Османи и ДУИ Кичево не прецизираат на кого се мисли кога зборува „за тие што молчат и имаат трпение“ и кои се тие што „треба да делуваат правилно и брзо затоа што трпението имало граница“.

,,Молчиме затоа што ја чувствуваме болката на семејствата на загинатите во Кочани.
Молчиме затоа што очекуваме институциите да си ја завршат работата.
Но, немојте да мислите дека нашиот молк е слабост и ќе ви дозволиме да се скриете зад невините. Затоа, делувајте правилно и брзо, дури и трпението има граница“, се наведува во објавата.

Покрај објавите на Фејсбук на сопругите на поранешните министри на ДУИ, кои со лични емоции бараат правична и брза истрага за Крешник Бектеши и самата партија се огласи со соопштение по определувањето на 30-дневниот притвор за нивниот сопартиец и поранешен министер. Во соопштението на Демократската унија за интеграција се настојува да се појаснат неколку клучни аспекти во случајот и се оценува дека „процесот е неоснован, политички мотивиран и селективен“. Истовремено порачуваат дека е неопходна длабинска и непристрасна истрага.

„Прво, концептот на ‘верижни пропусти што довеле до трагедијата’ не постои во терминологијата на Кривичниот законик. Секоја лиценца за вакви објекти се обновува на годишно ниво, земајќи ги предвид специфичните услови за таа година. Затоа, неточно е да се тврди дека постои континуирана одговорност без прекин низ годините“, велат од ДУИ.

Второ, и најважно, како што посочуваат во партиското соопштение, во ноќта на трагедијата, клубот работел без никаква лиценца, веќе една година немал легитимна лиценца, а дури и фалсификуваната веќе била истечена.

„Ова подразбира дека главната одговорност лежи кај оние кои требало да го спречат функционирањето на ноќен клуб без лиценца таа кобна ноќ“, се истакнува во соопштението.

Според ДУИ, потребна е длабинска и непристрасна истрага за да се утврди како објект без лиценца можел да работи и да ги загрози животите на стотици млади луѓе.

Трето, како што велат, треба да се истакне дека издадените лиценци во минатото биле за кабаре, кое има специфични критериуми и ограничувања во бројот на дозволени лица.

„Ноќен клуб е сосема поинаква категорија, и присуството на над 650 млади луѓе во таков простор е надвор од секој безбедносен стандард, што, пак, јасно упатува на свесна или несвесна негрижа изминатава година, од страна на бројни актуелни државни органи“, наведено е во соопштението.

Од ДУИ изразуваат загриженост, како што велат, „за неприфатливата супремација на Владата врз Обвинителството, што ја наруши довербата во истражниот процес“.

Фактот, како што е наведено во партиското соопштение, дека од 35-те приведени лица, само еден или двајца се актуелни функционери, отвора сомнежи за селективна правда.

„Бараме правните процеси да бидат праведни, транспарентни и засновани на закон, без влијание од терминологија која не постои правната терминологија и Кривичниот законик“, нагласуваат од ДУИ.

Во ова време на жалост, како што истакнуваат од ДУИ, не сакаат да влегуваат во обвинувања, туку имаат за цел да им објаснат на граѓаните дека овој процес е неоснован, политички мотивиран и селективен, што може дополнително да ја комплицира и влоши ситуацијата.

„Стоиме покрај граѓаните и погодените семејства, барајќи правда и транспарентност во расветлувањето на оваа трагедија“, се наведува во соопштението од ДУИ, од каде воедно изразуваат сочувство до семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ