„Иронично, само пред неколку недели, градоначалници од ВЛЕН го промовираа и дистрибуираа овој буквар како дел од проект на претходната влада, нарекувајќи го значајно постигнување за албанските ученици.
Денес, истите луѓе предложија и гласаа за неговата забрана, испраќајќи јасна порака за недостатокот на почит кон албанскиот јазик и образовните права на Албанците“, велат од ДУИ.
Понатаму, од оваа партија сметааѕ дека дополнителен удар врз еднаквоста и правата на Албанците е воведувањето задолжителен тест, само за македонскиот јазик за сите кандидати за директори на основните училишта, дури и во училишта каде наставата се одвива исклучиво на албански јазик.
„Овој потег е дискриминаторски и создава длабока асиметрија помеѓу македонскиот и албанскиот јазик, поткопувајќи ја важноста и еднаквоста што ја гарантира Уставот.
ДУИ изразува длабока загриженост за овие мерки, кои не само што ги загрозуваат правата на Албанците, туку го поткопуваат и единството и општествената кохезија во државата. Обидите за институционално и законски ограничување на значењето на албанскиот јазик и дискриминацијата на Албанците во областа на образованието се неприфатливи и во целосна спротивност со евроатлантските аспирации на нашата земја.
Доста е!
Апелираме до актуелната влада, која има моноетнички легитимитет, да се откаже од овие раздорни политики и да го врати фокусот на соживотот, еднаквоста и взаемната почит меѓу заедниците. Албанците дале многу за оваа држава и заслужуваат да бидат третирани со достоинство и почит.
ДУИ ќе продолжи да ги брани правата и интересите на Албанците на секое ниво и ќе ги користи сите демократски средства за да обезбеди еднаквост и правда.
ДУИ ќе поддржи секоја меѓупартиска дебата во интерес на деполитизацијата на образованието“, порачуваат од ДУИ.