четврток, 12 декември 2024

ДУИ бара оставка од претседателот на Уставниот суд поради ставот за Законот за употреба на јазиците

ДУИ, иако самата е (моно)етничка партија, упатува соопштение во кое „силно ги осудува последните случувања во Уставниот суд, каде што моноетничките интервенции во повеќеетничка држава создаваат опасен преседан“.

Објавено на

часот

Сподели

Од партијата ценат дека одлуката за продолжување на процесот на проценка на уставноста, и покрај бојкотот од судиите од албанската и турската заедница, претставува загрижувачки показател за недостаток на почит кон еднаквоста и меѓуетничката хармонија.

Покрај тоа, сепак причината поради која бараат оставка од претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски е поради личната реакција за Законот за употреба на јазиците

„Сепак, реакцијата на претседателот на Уставниот суд на прес-конференцијата ја означува кулминацијата на неприфатливоста. Прашан од новинар за недостигот на албанскиот јазик на таблата зад него, и покрај фактот што законот за употреба на јазиците е во сила, Претседателот изјави дека ‘знае дека законот е во сила, но не му се допаѓа законот’. Таквата изјава е скандалозна и целосно неприфатлива!

Лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста. Неговото однесување ја поткопува не само довербата на граѓаните во институциите, туку и основните принципи на демократијата и меѓуетничката еднаквост.

Поради овие причини, ДУИ повикува на итна оставка на претседателот на Уставниот суд. Ваквите случувања не треба да се толерираат под никакви околности, а институциите треба да дејствуваат за да го гарантираат почитувањето на законот и вредностите на меѓуетничката еднаквост“, се наведува во соопштението на ДУИ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ