Во Брако се спроведува учење преку работа во рамките на програмата за „Дуално образование“, на ученици од ССОУ „Коле Неделковски“ од Велес, преку која Делегацијата на германското стопанство овозможи во Македонија да се воведат елементи од германскиот модел на дуално стручно образование, според стандардите на Асоцијацијата на германските комори за индустрија и трговија.
„Изборот за учење преку работа е позитивен тренд затоа што учениците по стекнатите вештини се вклучуваат во производствените технолошки процеси од чија што област стекнале не само теоретски туку и практични вештини“, вели Олгица Минова, сертифициран ментор за Дуално образование во Брако и член на комисијата за полагање теоретски и практичен испит за струката техничари за производно машинство.