сабота, 27 јули 2024

Државните институции се делумно подготвени за спроведување на одржливиот развој на Македонија

Поради одредени слабости во структурата на управување, процедурите, административните капацитети, комуникацијата и информирањето, финансирањето и системот за мониторинг, институциите и органите на Македонија делумно се подготвени за спроведување на Целите на одржлив развој до 2030 година, констатирал Дрќавниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот Извештај  за подготвеноста на државата да ги спроведе целите за долгорочно одржување на благосостојбата односно одржливиот развој до 2030 година.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Целта, како што информира Државниот завод за ревизија, е да се даде одговор на прашањето дали македонските институции и органи се подготвени за спроведување на целите за одржлив развој до 2030 година.

„Постојната стратешка рамка на земјата релативно добро ги опфаќа клучните аспекти на одржливиот развој. Од причини што Националната стратегија за одржлив развој (НСОР) не е ревидирана и во целост приспособена согласно целите и индикаторите на Агендата 2030, а секторските стратешки документи воглавно ги рефлектираат насоките и принципите предвидени со Целите за одржлив развој (ЦОР), поради што усогласеноста на стратешкото планирање на развојот со ЦОР е на ниво од 83 отсто, односно 95 отсто доколку се земе предвид и имплементацијата на 55 ратификувани меѓународни конвенции“, пишува во Ревизорскиот извештај на ДЗР.

Од извршената анализа на организациската и институционалната поставеност за имплементација на Националната стратегија за одржлив развој (НСОР), со ревизијата е утврдена попречена функционалност поради слабите административни капацитети, недостаток на сите предвидени тела за поддршка и процедури со јасно дефинирани надлежности и одговорности.

Утврдено е отсуство на редовна меѓуинституционална комуникација, како и отсуство на ефикасни канали за комуникација и информирање со цел вклученост на засегнатите страни и подигање на јавната свест. Само пет отсто од испитаниците од спроведено истражување се изјасниле дека се воспоставени канали за комуникација и информирање на засегнатите страни и јавноста, а нивната ефикасност ја оценуваат како делумна, додека 77 отсто од нив сметаат дека не им се дадени доволно можности за активно учество во процесот на прилагодување на националната рамка со Целите за одржлив развој (ЦОР).

„Постојниот начин на буџетирање не дава јасна слика за тоа колку од планираните и реализирани буџетски средства се насочени во функција на остварување одделните цели и подцели на одржливиот развој и не овозможува ефикасно следење на резултатите од финансираните активности“, пишува во Извештајот.

Со ревизијата е констатирано и нецелосно искористување на расположливите средства наменети согласно петгодишната Стратегијата за мобилизација на средства и партнерства за Рамка за соработка за одржлив развој (РСОР). Во 2021 година, Обединетите Нации (ОН) во Македонија располагале со 44,9 милиони долари, од кои искористени се 35,6 милиони долари, односно 79 отсто, а во 2022 година од расположливите 37,4 милиони долари, искористени се 31,3 милиони долари, односно 84 отсто.

Од Државниот завод за ревизија посочуваат дека следењето и прегледот за напредокот на Македонија кон остварување на целите за одржлив развој од Агендата 2030 се врши преку повеќе документи и од глобалната рамка на индикатори, за Македонија расположливи се 155 или 63 отсто, и најголемиот дел произлегуваат од програмата за работа на Државниот завод за статистика, додека останатите индикатори се обезбедуваат од други релевантни институции.

„Невоспоставениот систем за прибирање и следење на податоците од повеќе институции не го олеснува процесот на известување како поддршка на механизмот за отчетност. Во таа насока, недостасува платформа на веб-страницата на Државниот завод за статистика, со која ќе се овозможи податоците и метадата информации и изворите на информации за Целите за одржлив развој, како и индикаторите да бидат континуирано мониторирани“, се наведува во Извештајот на Државниот завод за ревизија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ