четврток, 6 март 2025

Државниот архив е чувар и трезор на нашата историска и културна меморија, треба да прерасне во научно-истражувачки центар

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги примила проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, директорка на Државниот архив на Македонија и м-р Марјан Гијовски, раководител на одделението за истражување, меѓународна и домашна соработка.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од кабинетот на претседателката, директорката Котлар-Трајкова ја запознала претседателката Сиљановска-Давкова со лошите услови во кои функционира оваа важна институција, како и за состојбата на архивската граѓа.

„Би сакала да ме разберете дека Државниот архив не е лоциран на соодветно место. Наместо во сопствен, Државниот архив е во ист објект, со уште две институции. Освен во поплавата од 2018-тата година, во којашто беше уништен дел од архивската граѓа, кровот сè уште протекува при секој пообилен дожд“, додала директорката Котлар-Трајкова.

Претседателката Сиљановска-Давкова од своја страна истакнала дека го дели мислењето со директорката на архивот за неговата локација.

„Се согласувам дека не е добро решение архивот на една држава да дели ист објект со други институции. Дополнително, загрижува фактот дека во прашање е институцијата којашто е чувар и трезор на нашата историска и културна меморија. Блиска ми е логиката архивот да се врати во својот претходен дом, соодветен за чување на архивски материјал од непроценлива вредност“, рекла претседателката.

Архивот располага со повеќе од 1.300 архивски фондови и 27 збирки на документи, збирка од близу 5 милиони микроснимки од архивски материјал, како и околу еден милион микроснимки и 500 илјади ксерокопи од истражени материјали во странски архиви, кои опфаќаат податоци дури од 12 век.

Во архивот, исто така, се чува, Евангелието по Апостол Лука, напишано на пергамент на старогрчки јазик, коешто датира од 12 век. Во Државниот архив се наоѓаат кадијските списи и други документи од Османлискиот период, вредни материјали од уставотворен карактер, како и архивски фондови од нашата дијаспора и од стари познати македонски фамилии со драгоцени информации за културното, историското и социјалното наследство на Македонија.

Директорката Котлар-Трајкова истакнала дека нивна цел е архивот да прерасне во научно-истражувачки центар.

„Не сакаме да нè доживуваат како антикварница и писарница“, заклучила таа.

На средбата, претставниците на Државниот архив изразиле желба да имаат член во Советот за дијаспора, со што, претседателката се согласила.

Тие ја поканиле претседателката да присуствува на одбележување на денот на Државниот архив – 1 април, датумот на којшто институцијата официјално почнала да работи во 1951-та година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ