Во студијата презентирана на форумот се истакнува дека доделената државна помош не треба да биде социјална помош за компаниите. Таа треба да води кон зголемена продуктивност, иновативност, конкурентност, работни места, технолошки развој на компанијата примател и на економијата во целина. Зголемениот износ на државна помош доделена за иновации е поврзан со подобар ранг на Македонската економија на Глобалниот индекс на иновации. Воведувањето помош за нови старт-ап и спин-оф компании е поврзано со зголемен број новоосновани компании. Од друга страна, иако помошта за нови вработувања и обука и специјализација на вработените контирнуирано се зголемува, продуктивноста на трудот во земјава не се подобрува.
„Една од клучните препораки ни е дека кај нас државната помош во најмала рака за Македонија, треба да претрпи одредена реформа. Дадените средства да бидат врзани за аутпут. Затоа што не секаде идентификувавме дека зголемената државна помош дава и крајни резултати, особено во делот на земјоделие. Меѓутоа секако тука постои и простор и во делот на компании. Малку повеќе да сме ориентирани кон ефекти“, рече Благица Петрески од Институтот за истражување и економски политики Фајнанс тинк.
Таа посочи дека целта на државната помош е да поттикне конкурентост, продуктивност, да предизвика нови вработувања и оти како таква треба да постои. Меѓутоа, како што рече, треба да биде насочена повеќе да дава поголеми ефекти, односно за исти средства да добиваме повеќе ефекти или средствата да ги насочуваме онаму каде што ефектите се поголеми.
При мапирањето на државната помош во сите шест земји во регионот спреведено во изминатата година утврдено е дека постојат разлики колку земјите издвојуваат во државна помош. Таа се движи од 0,5 проценти од бруто домашниот производ (БДП) во Косово и Албанија, до 5,9 проценти во 2022 година, за Србија. Македонија издвојува 1,9 проценти од БДП или 235 милиони евра, најмалку од државниот буџет.
„Ако ги гледаме износите од апсолутен износ, ќе забележиме дека државната издвоена помош е во континуиран раст, па така споредено со 2018, Македонија издвоила 148 милиони евра, 2022-ра, 235 милиони евра. Ако одиме понатаму која е наменета на државната помош, доминира се уште државната помош во земјоделие. Во четири земји е повеќе од половина, а во Македонија две третини од вкупната државна помош се однесува на земјоделие. Останатите два сектора односно намената е за домашни компании и за странски директни инвестиции. Секторски е многу тешко да споредиме, меѓутоа сепак има разлики помеѓу земјите. На пример, во Албанија инвестираат во туризам, во Србија инвестираат во мали и средни претпријатија. Од аспект на другите сектори забележуваме и во енергетика, и во инфраструктура“, рече Петрески.
Како што укажа, во државава не секогаш државната помош ги дава посакуваните резултати особено во секторот земјоделие.
„На пример, иако многу помалку одвојуваме за месо прозводството се зголемува. Во спротивно, имаме континуиран раст или стабилност во делот на растителни производи, меѓутоа не секогаш забележуваме зголемување и на вкупното производство. Додека во пак во делот на иновации забележуваме позитивни линкови. И во делот на странските директни инвестиции, наодите покажуваат дека не секогаш државната помош е клучна во која мера ќе привлечеме странски директни инвестиции. Па така пристапот работна сила, регулативата, предвидливоста на законите, се фактори кои во голема мера може да диктираат колку ќе имаме привлечени странски инвестиции“, посочи Петрески.
Директорот на Дирекцијата на Технолошко-идустриската развојна зона (ТИРЗ), Гоце Димовски нагласи дека државната помош е инструмент кој сите држави во Европа и пошироко го користат за да ја зголемат конкурентноста.
Во однос на најавите од Владата дека ќе го менува моделот на субвенционирање странски инвестиции, рече дека моментно се работи на модели и сет мерки со цел, како што нагласи, да бидеме во тек со она што нуди глобалниот свет.
„Целта е да бидеме поконкурентни, да бидеме поатрактивни и да овозможиме повизибиост и потранспарентност во делот на државната помош“, рече Димовски.
Според студијата, генерално, во сите земји постојат голем број мерки на државна помош насочени кон три сегменти, земјоделци, домашни компании и странски компании. Во одредена мера, мерките се слични помеѓу земјите, особено оние што се насочени кон земјоделци и кон странските компании што оперираат во слободните економски зони. Ниската транспарентност, недостигот од информации поврзани со мерките и за износот на доделена помош е уште една сличност
помеѓу анализираните земји.
Препораките од студијата се насочени кон подобрување на регионалната соработка, со цел усогласување на политиките за државна помош, овозможувајќи поинтегриран пазар кој може да привлече прекугранични инвестиции и да го стимулира регионалниот развој. Тоа може да се постигне преку заеднички иницијативи, размена на најдобри практики и создавање регионални фондови насочени кон заеднички предизвици. Се препорачува и фокусирање на државната помош кон стратешки сектори, преку промовирање иновации, дигитализација и одржливост. Во иднина, помошта треба да се насочи кон сектори како зелени технологии, обновлива енергија и дигитална инфраструктура, со цел позиционирање на земјите како конкурентни играчи на глобалниот пазар. Исто така и да се зголеми транспареноста и отчетноста на надлежните институции преку воведување поробустни механизми за мониторинг и известување за видовите и износите на доделена државна помош.
Подетално, резултатите покажуваат дека државната помош доделена на земјоделците опфаќа повеќе од половина од вкупниот износ на државна помош во четири земји (Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија). Од друга страна, доделената државна помош не може да се поврзе со зголемено растително и сточарско производство, што укажува на потребата да се преиспита целта, моделот и начинот на распределба на овој вид државна помош. На пример, иако помошта за поддршка на растителното производство варира од година во година, производството е релативно стабилно. Државната помош за поддршка на домашните компании се разликува помеѓу земјите, особено од аспект на секторот што се таргетира. Над половина од помошта за домашните компании во Албанија е насочена кон преработувачката индустрија и туризмот. Србија е единствена земја што издвојува поголем дел од државната помош за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија. Во Македонија, над 90 отсто од помошта е наменета за сите сектори, а остатокот е насочен кон преработувачката индустрија, енергетскиот сектор и туризмот. Слично е и во Босна и Херцеговина и Косово.
Сите земји од Западен Балкан, со исклучок на Косово, нудат широка лепеза на атрактивни мерки за привлекување и поддршка на странски инвеститори. Шемата за државна помош на странските инвеститори во Македонија е оценета како најтранспарентна, едноставна и атрактивна, во споредба со останатите земји. Компаниите лоцирани во слободните економски зони, се ослободени од плаќање даноци на имот, корпоративен, персонален и данок на додадена вредност, добиваат поддршка за нови вработувања и субвенционирани придонеси, а уживаат и приоритетен третман при извршување на административни обврски, бесплатен приклучок до комуналии и долгорочен бесплатен закуп на земјиште.