четврток, 13 јуни 2024

Државна изложба на македонско овчарско куче караман

Објавено на

часот

Сподели

„Одлучивме изложбата да се одржи токму во Битуше заради тоа што откако станав претседател на клубот најубавите карамани кои од работната дивизија мигрираа во урбаната, беа пронајдени тука затоа што сточарството тука сеуште егзистира за разлика од источниот дел на државата што ни се испразни. Втората, не помалку битна работа, е еден човек а тоа е отец Порфириј Бигорски, кој со благословот на неговиот старец, ја препозна благородната мисија на клубот и се приклучи и ја формира една од најстабилните и несомнено најголема одгледувачница за македонското овчарско куче караман која егзистира во склоп на манастирот“, изјави Илија Ико Каров, претседател на Кинолошкиот клуб.

За победници беа прогласени Арија од Бигорскиот манастир, млад клупски победник, Лара на Иван Цветковски од кумановското село Тромеѓа, зрел клупски победник, Бабуш на Валентин Митанов од Прилеп, млад клупски победник и Блеки на Даме Стојановски од Скопје зрел клупски победник.

„Овој значаен настан нема да се случи доколку не ни дадеше целосна поддршка Бигорскиот манастир, поточно цело братство со благослов на неговото преосвештенство г. Партениј, за што искажуваме голема благодарност сите што сме присутни тука, како и кинолошкиот сојуз на Македонија, и секако кинолошкиот клуб  за македонско овчарско куче караман“, истакна Каров.

Клубот за македонско овчарско куче караман е формиран во 2004 година, но раните почетоци датираат од 1998 година кога браќата Влатко и Марјан Костовски ги симнуваат првите карамани од македонските планини.

„Караманот е старо нова раса. Најраните референци на расата се пронајдени уште во неолитот на овие простори, потоа следи средновековието, каде што се оние најконкретните на логотипот. Кучето што е издвоено на нашето лого всушност е детал од фреската рождество Христово во Курбиново од 1191 година. Македонското овчарско куче караман сеуште егзистира во етничките граници на Македонија, значи не само во географските. Значи се среќава на сите страни“, посочува Каров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ