Оштетениот објект, тогашна трпезарија за османлиската војска, беше реставрирана и конзервирана од 2008 година до 2012 година и на тој начин зачуван е автентичниот надворешен изглед. На крајот на март евидентирано беше оштетувањето од страна на Музеј на тетовски крај, од каде велат дека согласно она што го имаат надлежност, го направиле – да го пријават проблемот до Управа за заштита на културно наследство каде во Националниот регистар е впишано Калето како недвижно културно наследство.
Стручните лица од нашата установа по пријава од граѓани заминаа на Калето да ја увидат состојбата. До Управата за заштита на културно наследство испративме допис со фотографии со објаснување дека станува збор за оштетување поради природна непогода. Оштетувањето е поради силниот ветер, но наша процена е дека до тоа дошло и поради несовесно однесување на поединци, односно извршени оштетувања на објектот во целина па и на покривот каде што се ќерамидите, па така тие полесно летнале при ветерот, изјави Миќо Стојчески, директор на Музејот на тетовски крај.
Од Националната установа Национален конзерваторски центар кои се задолжени за изработка и реализација на проекти, за одвивање на работите за заштитата на спомениците, велат дека фазното дејствување кај овие културни добра и определените средства се главни пречка за нешто побрзо интервенирање.
На Калето се работи фазно само за определен дел и само за тоа има предвидено средства од државниот буџет преку Министерството за култура, велат од установата.
„Имаме многу проекти, а добиваме многу малку средства за заштита на објектите. Оваа година според годишната програма работиме на шеста фаза (шеста година по ред) на влезната порта на Калето, да се направи според автентичен изглед. За оваа шеста фаза имаме 500 илјади денари на располагање од Министерството за култура. Ние сме надлежни само за правење и реализација на проекти за делови од Калето, додека изостанува тековно и постојано одржување на објектот, за што немаме ние ингеренции“, изјави Мемет Селмани, директор на Национален конзерваторски центар.
Поголем дел од тврдината долги години, повеќе наликува на руинирано и запуштено место. Од оваа тврдина и внатрешните објекти, останати се само остатоци, претежно од ѕидовите и тунелите. И главната капија-порта која сега е предмет на реставрација се сруши пред десетина години.
„Постепено се обидуваме да се врати концептот на постоечкиот изглед. Проблем за работа на кое било вакво место Кале се скапите материјали кои се користат за лепење на камењата што се користеле при изградбата. Во 2020 година сме имале околу пет илјади евра, па сите пари отидоа на инјектирање на маса со која се лепат камењата од тврдината или три тона таква маса чини пет илјади евра. Масата или лепилото претставува три компонентен материјал што ги држи камењата. Министерство дава ограничени средства и мора постепено“, изјави директорот Мемет Селмани.
Историските податоците на институциите се дека на крајот од 18 век Тетовското кале како тврдина на врвот од ридот Балтепе почнал да го гради Реџеп-паша. Се смета дека имало 108 илјади квадратни метри и богата внатрешност. Во калето имало две монументални порти, две помали порти, девет кули, објекти и кујна за војската, набљудувачници, како и два сараи, каде престојувал пашата.
„Ѕидовите кои се изградени се дебели од три до пет метри, со најголема височина и до десет метри, сите градени со бигор камен. Се градело 20 години, а синот на пашата, Абдурахман ја завршил изградбата по што од 1831 до 1843 живеел во тврдината“, велат историските податоци на Музеј на тетовскиот крај.
Директорот на Музеј на тетовскиот музеј, Стојчевски, вели дека мора да се пристапи кон тврдината како еден капитален проект, кој би траел десетина години за да може да го добие вистинското лице.„
„Кога би се реставрирале сите објекти, сета таа археологија што се нашла таму би биле дел од една музејска поставка. И во интерес и во името на културата би можело еден културен центар да настане каде би се одржувале разни фестивали, настани од областа на културата и уметноста што за градот би придонело повисоко ниво на развој на култура и една точка туристичка атракција и една точка за младите за разни едукации, обуки“, вели директорот на музејот.
До врвот на ридот и Калето постои асфалтиран пат, а местото се посетува од тетовци кои ја користат сообраќајната делница за пешачење до врвот на ридот Балтепе.