понеделник, 24 јуни 2024

Друштвото на писатели на Македонија бира нов претседател, во трката се двајца кандидати

Објавено на

часот

Сподели

Новоизбраниот претседател на писателската асоцијација ќе ја преземе функцијата од Соња Стојменска-Елзесер, која го раководеше ДПМ од 2018 до 2022 година. Во обраќање до членството таа наведува дека четирите години од нејзиниот мандат биле прилично тежок период за работа поради пандемијата која, како што вели, „околу две години ги парализираше книжевните настани во затворени простории”.

„Сепак, и во такви услови, ДПМ не ги прекина своите основни активности, туку оствари успешна реализација на својата програма. Најнапред, тоа се четирите одбележувања на Денот на ДПМ, 13 февруари, кога се доделуваат и традиционалните книжевни награди за најдобри остварувања во годината што изминала. Друга значајна манифестација на ДПМ која редовно ги одржа своите четири изданија е манифестацијата ‘Празник на липите‘ со доделување на наградите ‘Книжевен жезол‘ на македонски и на странски поет. Во двете пандемиски години странските добитници не допатуваа во Скопје…ДПМ беше активно вклучено со два настана и во агендата на 2021 – годината на Блаже Конески“, вели Стојменска-Елзесер.

Друштвото во изминатиот период беше организатор на трибини, книжевни дискусии, промоции и средби, членови од ДПМ учествуваа и во многу книжевни настани во државава, а заедно со СВП и Македонскиот ПЕН-центар писателската асоцијација беше коорганизатор на поетско читање по повод Светскиот ден на поезијата на 21 март 2022.

„Посебно светла точка во дејноста на ДПМ во последниве четири години е забележителниот подем на гласилото на ДПМ – списанието ‘Стожер‘, кое содржински и технички визуелно го поткрена нивото и кое предизвика интерес и кај пошироката јавност. Заслужни за тоа се членовите на редакцијата на ‘Стожер‘: Трајче Кацаров – главен уредник,  Виолета Танчева-Златева, Живко Грозданоски, Александра Јуруковска, Марија Гиревска и Делвина Крлуку. Списанието може да се чита и во електронска форма на линкот на ДПМ“ , истакнува Стојменска-Елсезер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ