сабота, 28 септември 2024
Животна приказна на еден наркозависник

Дрогата и криминалот му го зеле семејството, пробацијата му го вратила

Кога мислите дека сте стасале до крајот на тунелот и повеќе нема излез, и најмалото топче светлина носи надеж, некогаш и за некого голема колку целиот свет. Ако во таа темнина ве повлекла дрогата, а на крај се судривте и со законот, тогаш компликациите стануваат уште поголеми. Животната приказна на Мартин (името е измислено, а идентитетот на соговорникот ѝ е познат на нашата редакција) е токму онаа што ги крие сите темни лавиринти, мислејќи дека светот нема боја и е црно-бел. Од неговата меморија цели 20 години буквално се во темнина, сѐ додека не направи кривично дело, не го прекрши законот и не го запознае пробацискиот тим (правници, психолози и социјални работници) во канцеларијата во Основниот кривичен суд во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Двата женски лика (м-р Дијана Ѓероска, раководител на Одделението за надзор над извршувањето пробациски работи во Секторот за пробација при Управата за извршување на санкциите, и м-р Емилија Балтовска, советник за извршување пробациски работи во текот на судска постапка, Одделение за извршување на пробациски работи на подрачјето на Основен кривичен суд Скопје-Сектор за пробација) му помогнале повторно да го обои животот и да се врати на вистинскиот пат. По влезот во пробациската канцеларија станува свесен дека не смее да изгуби контрола над искрата надеж и сѐ зависи од него.

Со Мартин се сретнавме во пробациската канцеларија, каде што ги добил насоките што треба да ги почитува. Тоа место за нас беше обичен уредно поставен канцелариски простор, но за него беше соба полна со живот и надеж. Наместо еднаш во месецот, како што му стои во одлуката од судот, тој пробациската канцеларија ја посетувал еднаш неделно бидејќи од тука ја црпел силата да може да издржи сѐ и одвај чекал да дојде.

На полиците од канцеларијата стоеја папки со нечии судбини, кои се случуваа надвор, а на ѕидовите имаше постери со објаснување на процесот на пробација.

Лошата „дружба“ на човекот што седеше пред мене и чиј поглед во почетокот беше вперен во подот, започнала рекреативно, како што вели тој, поради лошото опкружување и љубопитност.

„Почнав, да речам рекреативно, а и такво ми беше опкружувањето. Мислиш дека ќе пробаш само еднаш и потоа нема, но во реалноста тоа не е така. Опијатската дрога е зло од кое тешко можеш да се откажеш. Мислиш дека три дена си ок кога си под опијати, ама кога ќе престанеш со тоа зло, сфаќаш дека ти прави физички кризи и болки и мораш пак, зошто те боли телото. Прави хронична болест и не можеш да го оставиш, туку мора постојано да си под терапија. Сега пијам терапија и со неа немам потреба да се боцкам со игла или да внесувам дрога преку нос. Со таа терапија сум свесен дека ако мојот организам дојде во допир со дрога, можам да добијам епилептичен напад и ќе завршам во болница. Не можете тоа да го скриете зашто ќе дознае и мојот тим од пробациската канцеларија“, вели нашиот соговорник.

Дека пробацијата има позитивен ефект кај нас се согласуваат и од коалицијата Сите за правично судење, од каде што велат дека овој процес ја намалува пренатрупаноста на затворите кај нас.

„Употребата на пробацијата во нашата држава може да има позитивен ефект во правосудниот систем. Најнапред, со употребата на пробацијата ќе се намали пренатрупаноста на затворите од осудени лица, но и позитивно ќе влијае на осудените лица, кои ќе можат побрзо да се ресоцијализираат преку пробациските служби. Добар чекор е тоа што судовите почнуваат сѐ повеќе да ги употребуваат овие механизми што им стојат на располагање. Изрекувањето условни казни со цел да се имплементираат пробациските работи може да имаат позитивно влијание понатаму и на ефикасноста на правосудниот систем. Иако законот се применува од 2016 година, за жал, можеме да констатираме дека тој заживеа во последните неколку години, па оттаму очекуваме дека освен судовите и пробациските служби ќе се вложат максимално во неговото спроведување“, велат во коалицијата Сите за правично судење.

Во најголемиот затвор во Македонија, „Идризово“, со капацитет од 800 затвореници, според официјалните статистики во 2017 година казна издржувале 1.850 осуденици. Во другите затвори низ државата бројката на затворениците се движела околу 2.900, додека четири илјади осудени лица чекаат да влезат во затвор. Македонија, според податоците на Советот на Европа, е трета земја по пренатрупаност на затворите со 123 затвореници на 100 слободни места.

Нашиот соговорник не знаел што значи пробација и дошол откако го повикале. Зависник бил години и години пред да го фатат во кривично дело и ако не бил процесот на пробација, вели сигурно ќе завршел во затвор и пак ќе се дрогирал.

„Сѐ ми се чинеше невозможно сѐ додека не ја отворив вратата од канцеларијата за пробација. Имав многу пороци, освен дрогата бев и коцкар, па со пресудата добив и забрана да влегувам во казина и обложувачници. Добив и забрана за користење дрога и алкохол и задолжително лекување“, ни раскажува.

Пробациската канцеларија го контролирала дали ги почитува обврските што му се наложени од судот, а овој човек не прекршил ниту едно правило и успешно го минал тој процес. Потешкотии, вели, има многу, но храброста е во тоа да не им потклекнеш на искушенијата. Во Центарот за зависници во Кисела Вода преку урина го контролирале дали има присуство на наркотици.

Мартин со јасни реченици и очи што сега повремено гледаа директно во нас вели дека сакал одамна да се тргне од дрогата и пороците, но не знаел како сам.

Тоа што полицијата налетала на него кога правел кривично дело и го однела во полициска станица, не било затворање зад решетки, туку излез од решетките на зависностите со кои се борел речиси половина живот.

„Среќа во несреќа е овој процес за мене. Ми се отворија врати и почнав да размислувам да се вработам. Ми помогнаа да најдам работа што е приватна, занаетчиска и која е физичка. Со тоа се зајакнува моето тело, но и психата, бидејќи заработувам и придонесувам за дома. Сега сум свесен што може да ме снајде. Не сум направил никаков рецидив откако почнав со процесот на пробација. Претходно живеев во свет во кој сите користат дрога. И да сакаш да излезеш со друго опкружување, не успеваш, па повторно си се враќаш во она што ти е познато и пак посегнуваш по дрога. Кога ги пробав речиси сите дроги и посегнав по хероин, мислев дека се враќам во нормала. Но се сеќавам дека кога станав следниот ден, сите коски ме болеа и пак ме тераше да се дрогирам. Во почетокот мислев можам, но потоа не можев да издржам, ама и финансии немав доволно. Тоа те тера да станеш дилер за да можеш да имаш дрога и за себе. А кога си дрогиран, кој ќе те вработи на нормална работа? Не можеш таков да работиш. Сеге веќе тој свет го нема и за мене сето тоа што сум го правел сега кога свесно гледам, сѐ глупости“, вели соговорникот, кој наеднаш ја крена главата и повеќе не го спушти погледот.

Реченицата што ни ја кажа беше: „Сакам да ви кажам повеќе за добрите работи, а нив ги имам со пробацијата“.

Во делот на кој самиот му ставил црта и почна да ни раскажува за обоените денови, прв пат го спомена и своето семејство.

„Екипата“, онака како што тој го нарекува тимот што му го следел процесот на пробација, е првото нешто што го воведува во нормалниот свет, а тој следејќи ги нивните напатствија успева да си го врати и семејството, сопругата и своето малолетно дете.

„Сега ми е многу убаво, ја гледам вистинската вредност на моето семејство, сфаќам што значи да имаш дете, да се грижиш за него, да плаќаш сметки дома… Животот не е дрогата, животот е семејството. Моето дете е против пороци и единствената добра работа од мојот проблем со зависноста е што го познаам тој свет и ако не-дај-боже посегне по такво зло, би го препознал и веднаш би реагирал за да му помогнам. За мене никој не знаеше дека имам проблем со дрогата, им кажав јас дома. Дрогата е вртење во круг и лажно совршенство. Сопругата ме остави кога ја открив мојата друга, темна страна. Го уништуваш својот живот, а и животот на сите блиски околу тебе. Но со пробациската канцеларија ги вратив луѓето што ми значат“, вели Мартин и додава:

„Најмногу ме уби хероинот, имав многу девојки, бев убав човек, центарски дечко, ама ете, дрогата ме уби“.

Неговиот поглед повторно се спушта надолу, кон рацете. Маичката со кратки ракави освен што му ги открива рацете, како да му го открива и секој убод што му уништил години и години живот.

Низ човечките раце вените ги гледаме и знаеме дека низ нив тече крв, а тоа покажува дека нашето тело е живо. На рацете на овој човек гледавме само кожа, немаше вени бидејќи тие изгореле од дрогата. На неговото тело очите беа показател дека тој живее со надеж. Тоа ни го докажа и со шега на своја сметка кога ни раскажа дека кога од работа ги носеле на систематски преглед и требало да му земат крв, медицинската сестра не можела да му ја најде вената, па сам се боцнал и си ги нашол вените, кои со голо око се невидливи.

Капацитетот на размислувањето сега му оди позабавено, бидејќи, како што самиот вели, „потешко ми е да се сетам на некои зборови“.

„Живеев во магла. Сигурно сите на улица што ме гледале си велеле види го овој будала. Зборуваш глупости и сега се срамам од тие постапки, мака ми е, се каам, ама вината е кај мене, зашто сум бил лабилен. Никому не му посакувам ваков живот и ги советувам сите што ќе ја прочитаат мојата животна приказна да бегаат подалеку од дрогата. Нормалниот тек на животот почнав да го гледам кога дојдов овде во пробациската канцеларија. Дојдов со резерва, но наидов на многу разбирање и секогаш ќе се враќам овде зашто овде ми покажаа како да живеам без лаги. Чесен сум до степен да не поминувам ни на црвено светло, да не сакам да направам никаков прекршок“, додава Мартин.

Својата приказна ја раскажа со многу енергија како едвај да чекаше да му каже на светот дека наркоманијата е болест за која тешко се наоѓа лек, болест што освен што му зела години живот, за влакно ќе го затворела зад решетки.

Кога станавме да се поздравиме, со силата што му останала во рацете ни ги стисна дланките, а обувките ги сврте и ни рече „е вака, видете, вака сум го згазил тој минат живот со помош на сите од оваа канцеларија“. Тогаш ја видовме неговата широка насмевка, која веројатно ја чуваше за моментот кога го исправи телото, за да ни покаже како сега е исправен пред животот, но овој пат со вистинските вредности.

„Ако живеам 70 години, вистински сум живеел 50, зашто 20 години поминати со дрога ми се црна дупка во животот“, беше неговата реченица пред да замине.

Во грбот на Мартин ние гледавме само силуета, но тој носеше огромен невидлив товар на неговите плеќи од она што му се случувало и во кое го вовлекол и семејството. Тежината на тој товар му ја намалиле ликовите од пробациската канцеларија, кои го вратиле од еднонасочниот тунел и го насочиле на патеката на која има знаци што му ги покажуваат вистинските правци. Надзорот на документ му завршил и иако нема обврска, сепак доаѓа во пробациската канцеларија. Продолжува со лекувањето, но и со животот, овој пат во боја.

Пробација: Моќната алатка во кривично-правниот систем

Пробациската служба е воспоставена со Законот за пробација (Службен весник на РМ 226/15) од 2015 година. Пробацијата е стручна служба организирана на ниво на Сектор во Управата за извршување на санкции (УИС), при Министерството за правда. Спроведува надзор над извршување на казните без лишување од слобода, поточно над алтернативните мерки: условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, како и над извршувањето на условниот отпуст, изречени со одлука на судовите. Пробациската служба врши надзор на осудените лица и им нуди поддршка, а целта е да се одржи безбедноста во заедницата со подобрување на ресоцијализацијата и рехабилитацијата на лицата над кои се извршуваат пробациски работи, како и да се намали затворската популација.

Ако во 2017 година имало само два пробациски предмети, таа бројка до крајот на 2023 година е дури 483 предмети. Во државава има условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа, условен отпуст со заштитен надзор, но нема куќен затвор бидејќи алките за електронски надзор што беа набавени пред неколку години, а кои служат за следење, не се во функција.

Треба да има вкупно 15 пробациски канцеларии, преку кои треба да се покриваат подрачјата на сите судови. Според методологијата за вработување од 2021 до 2025 ќе бидат ангажирани вкупно 90 пробациски службеници. Досега, вработени се само 28 лица, а во функција се само 11 канцеларии. Недостигаат во Гостивар, Кочани, Кичево и Струга.

Кога осудените лица имаат условна казна, немаат обврска никаде да се јавуваат, туку само треба да не сторат ново кривично дело за да не завршат во затвор. Но кога има и заштитен надзор тогаш имаат обврска и ресоцијализацијата се искачува на многу повисоко ниво, а судиите треба почесто да се охрабруваат да ги изрекуваат овие мерки сѐ со цел да се намали пренатрупаноста во затворите низ државава. Се случува и да не се јавуваат на телефон, да не доаѓаат, да се правдаат дека ги губат телефоните, но од канцеларијата одат и прават проверки. Иако тимот се соочува со осуденици, полициска придружба со нив нема, бидејќи осудениците им веруваат на овие луѓе.

Проценката на ризик се прави и во текот на судската постапка кога судиите ги консултираат и лицата од пробациските канцеларии за да предложат санкција.

Долг е процесот ако некој избегнува да го почитува процесот на пробација пред тој да му биде прекинат. Тимот што работи во пробациската канцеларија во Скопје вели дека на осудените лица им се даваат многу шанси пред тие да бидат тргнати од процесот на пробација. Се користи сѐ што може, сѐ што е дозволено и сите ресурси, а до сега само 3 проценти од сите досегашни предмети се отповикани што укажува на фактот дека процесот на пробација е успешен.

„Кога има зависности сме осетливи и знаеме дека е тоа процес и не е нешто што лесно се поминува, менува и лекува. Ако има условна осуда со заштитен надзор постапуваме, а ако е само условна, не постапуваме. Имаме и условни осуди со општокорисна работа, но тие многу повеќе беа во периодот на ковид-пандемијата. Електронски надзор нема бидејќи ги нема алките за следење, а немаме ниту една мерка куќен затвор. Условен отпуст со заштитен надзор е мерка што исто така доаѓа кај нас, а се однесува на лица што минале одредено време во затвор и поднеле барање. Барање за условен отпуст со заштитен надзор може да поднесат и доживотните осуденици, но само откако ќе минат 25 години во затвор. Тоа не значи дека ќе им се уважи барањето, но го имаат правото“, велат од тимот во пробациската канцеларија во Скопје.

Приказните како онаа на Мартин во државава ги има многу и во овој гнил судско-затворски систем, каде што извештаите за животот зад решетки се далеку од човечко достоинство, а оние за довербата во судството се на многу ниско ниво. Овие приказни се една од светлите точки благодарение на успешното спроведување на пробацискиот процес.

Новинар: Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ