четврток, 26 декември 2024

Драма над Црвено Море: кој ги гаѓа американските авиони?

Соединетите Американски Држави за малку ќе урнеле втор свој борбен авион по грешка откако минатиот викенд го соборија борбениот авион на американската морнарица Ф/А-18 над Црвено Море со „пријателски оган“, јави Фокс њуз, повикувајќи се на анонимен извор од морнарицата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Истата ноќ, откако борбениот авион на американската морнарица беше соборен над Црвено Море, друг авион речиси ја доживеал истата судбина.

„Ф/А-18 „суперхорнет“, кој летал неколку милји зад соборениот „хорнет“, бил приморан да преземе маневри за избегнување откако втора ракета земја-воздух била испукана од крстосувачот УСС Гетисбург, која за влакно го промашила вториот авион додека се подготвувал за слетување на носачот на авиони Хари С. Труман“, кажал за Фокс извор запознаен со овој инцидент.

Функционер на морнарицата  потврдил дека втора ракета СМ-2 била испукана од УСС Гетисбург, додавајќи дека морнарицата истражува дали ракетата го гаѓала вториот авион. Морнарицата истражува и дали УСС Гетисбург го исклучил системот за наведување на втората ракета. Вториот инцидент во кој речиси ќе бил соборен втор авион на американската морнарица не бил претходно пријавен.

„Крстосувачот со наведувани проектили УСС Гетисбург, кој е дел од ударната група на носачот УСС Хари С. Труман, по грешка пукал и го погодил Ф/А-18. Овој инцидент не е резултат на непријателско дејствување и истрагата е во тек“, се наведува во соопштението на Централната команда на војската на САД.

Изворот на Фокс њуз кажал дека тоа не е точно туку дека авионот Ф/А-18 „суперхорнет“ се обидувал да слета на носачот на авиони откако бил погоден додека вршел мисија на полнење гориво во воздух за авионите кои изведувале воздушни напади на Јемен.

„Авионот имал улога на танкер кој се враќал да слета на носачот оддалечен околу 10 милји. Препознале дека проектилот се движи кон нив и се катапултирале три секунди пред авионот да биде погоден“, кажал изворот.

Пилотот и офицерот за оружените системи се катапултирале и ги собрал спасувачки хеликоптер и ги вратил на носачот. Едниот добил „помали повреди“, се наведува во соопштението на Центком.

Ни Централната команда на САД ни Пентагон не откриле дека крстосувачот испукал втор проектил во втор американски борбен авион и за влакно избегнал да биде соборен.

„Крстосувачот речиси соборил два пријателски авиони“, кажал изворот.

Централната команда на 15 декември призна дека носачот на авиони пристигнал на Блискиот Исток, но не наведе дека тој и неговата борбена група се наоѓаат во Црвено Море.

Ова е најсериозниот инцидент за Американците во повеќе од една година откако ги напаѓаат Хутите во Јемен. Инцидентот покажува колку е опасно Црвено Море, поради честите напади на бродовите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ