среда, 1 јануари 2025

ДПС: Се најавуваат протести за несреќата во Нови Сад, но не и за живите запалени во модуларната болница

На најавата на Здружението за едукативен развој „Еквалис“ дека утре ќе се одржи протест во 12 часот пред Амбасадата на Србија во Скопје, во солидарност со протестите кои се одвиваат во Србија, кои беа иницирани како реакција на несреќата во Железничката станица во Нови Сад во ноември, во која загинаа 15 лица откако се урна настрешницата на станицата, реагираат од Демократската партија на Србите во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Кога некој организира протест, а не знае дали протестите се граѓански или студентски, јасно е за што станува збор. Мошне тешко е да не се забележи дека несреќните настани од Нови Сад каде животот го изгубија 15 граѓани, имаат мобилизационен потенцијал и синхрона ускладеност со налозите на одредени регионални и западни центри на моќ.

Оваа невидена хистеричност од соопштението со повик за солидарност е дамка за секој добронамерен човек во Македонија. Се чини дека сите оние кои во ова гледаат некаква врста на алтруизам и искрена човечка сочувствителност, политичкото резонирање не им е појаката страна на интелектуалниот капацитет. За страдањето на нашите граѓани немаа дури ни соопштение, а камоли организирање на протест за живите запалени во модуларната болница или автобусот во кој гореа живи луѓе, а еве сега Србија ќе ја оправаат.

Додека кај нас не се поведе никаква сериозна постапка, во Србија се уапсени петнаесетина одговорни за несреќата во Нови Сад и се подигаат обвиненија.

Молчевте за несреќите во нашата куќа, нашата држава затоа што на партијата за која работевте, СДСМ, не ѝ требаа протести. Кога веќе молчевте за запалените луѓе во сопствената држава го изгубивте правото и кредибилитетот да се мешате во политиката на нашиот најдобар сосед, по мислењето на огромното мнозинство македонски граѓани.

Впрочем, еве еден мисловен експеримент. Ако сето ова се одиграше на некое друго место, дали ќе ги видевме истите идентични реакции не само кај нас, туку и во регионот. Во Чешка, сега скоро, имаше грозоморни убиства, никој не реагираше на сличен начин, а истото скоро се случи и во Хрватска, само со помалку жртви, никаква реакција, да не потсетуваме кај нас на палењето на живи луѓе во модуларната болница и другите непријатни настани. За секој кој има коефициент на интелегенција поголем од собната температура, одговорот на овие прашања е толку јасен и очигледен, што не треба ни да се напише“, се наведува во реакцијата на Информативна служба на Демократската партија на Србите во Македонија.

Претходно, здружението „Еквалис“ најави дека го организира овој протест пред амбасадата на Србија во Скопје, „ за да испрати силна порака на поддршка и поттик за истрајност кон храбриот српски народ кој со длабока посветеност сака одлучно да го симне авторитарниот режим и да побара политичка одговорност за случајот со срушувањето на настрешницата во Нови Сад во којшто беа убиени 15 луѓе, меѓу кои и еден македонски граѓанин“.

„Ги покануваме граѓан(к)ите, студент(к)ите, младите, но и воопшто сите коишто сметаат дека, иако крајот на оваа година се ближи, не смееме да ги заборавиме оние коишто и покрај тоа продолжуваат да живеат во заробена држава“, стои во најавата за протестот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ