сабота, 27 јули 2024

ДПМ не смее да е заложник на уцени, вели писателот Петрески кој ја повлече оставката од претседател на друштвото

Подолг период Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) како столб на македонската самобитност и идентитет е стожер и борец за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Со најновите организирани напади ДПМ се наоѓа пред притисоци, доведувајќи го во прашање и неговото постоење, пишува Христо Петрески кој неодамна поднесе оставка па вчера се премисли од функцијата претседател на ДПМ.

Објавено на

часот

Сподели

За жал, повеќето членови на ДПМ не знаат со што се соочува друштвото во овие тешки моменти за Македонија и жалам што се доведени во заблуда од поединци, вели Петрески.

„Изјавувам дека како претседател на ДПМ бев и сум под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик. Писателите се вистинскиот браник на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура и затоа апелирам и ве молам на најубав начин да ги сочуваме заедно – во одбрана на ДПМ кое има  76 години традиција, или како што би рекол безвремениот Блаже Конески, ‘,jазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски  ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште’”, напиша Петрески.

Тој вчера на својот фејсбук профил напиша дека по барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија тој ја повлекува оставката од местото претседател на ДПМ, бидејќи, како што тврди тој, истата била изнудена поради притисоци, уцени и закани.

„Во врска со мојата оставка на местото претседател на ДПМ, ја известувам јавноста дека писмено, официјално, со своерачен потпис, јас досега немам поднесено оставка до Друштвото на писатели на Македонија. Но, поради притисок, уцени и закани од одредени членови и групи во друштвото, кога веќе беше многу тешко да се издржи тоа, а во прашање беше доведено и моето здравје, на фејсбук и преку медиумите соопштив дека сакам да поднесам оставка, бидејќи е невозможно, па дури и нечовечки и нехумано да се работи во вакви услови на притисок, кој се префрли и на социјалните мрежи. Но, по барање на голем број членови на друштвото, кои и ме избраа со нивните гласови, бев замолен и повикан да се откажам од намерата да дадам официјална оставка за да опстои ДПМ и да продолжи со своите редовни активности. Работата на друштвото се одвива во неговите простории и во културните институции, а не преку преписки и навреди на социјалните мрежи. Затоа апелирам да прекинат личните напади, навреди и инсинуации, но и омаловажувањата, подметнувањата и игрите во врска со Друштвото на писателите на Македонија кое опстојува веќе 76 години и ќе продолжи да постои. Раководствата се менливи и минливи, а за избор на тела и органи постои јавна, легална и правна регулатива.“, напиша Петрески.
 

Одма потоа реагираше писателот Иван Антоновски кој за повлекувањето на оставката на Петрески рече дека е фалсификат.

„Повлекувањето на оставката не важи зашто се темели на фалсификат! И затоа што оставката е неотповиклива! Вонредно изборно собрание за сите раководни позиции и за членови на другите тела на ДПМ мора да има!“, напиша Антоновски на фејсбук.

Проблемите во ДПМ излегоа на виделина откако седум писатели, членови на раководството истовремено поднесоа оставки од функциите.
 
Веднаш потоа и писателот Бранко Цветкоски поднесе оставка.

„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството“, наведе Цветкоски во писмениот допис до медиумите.

По ова, Петрески во целост ги отфрли, како што рече, сите невистини и инсинуации изнесени во јавноста од страна на членови на претседателството и дека ДПМ нема да биде заложник на лични пресметки.

Реагираа и писателите Иван Антоновски и Фросина Пармаковска.

Антоновски рече дека ДПМ е формирано за да се слушне, а не пригушува гласот на писателите, а Пармаковска побара „вонредни избори за спас на ДПМ“.

Писателката Јулијана Величковска, која на 15 септември минатата година си даде оставка од претседателството на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), изјави дека се надева дека кризата е пресвртна точка по која ДПМ „конечно ќе се реформира и ќе почне да работи во насока на грижа за подобрување на правата и положбата на писателите“.

По оставките на раководството, претседателката на собранието на ДПМ, Кристина Николовска, соопшти дека свикала вонредно собрание на ДПМ што треба да се одржи на 25 ноември.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ