Како што соопшти денеска Стојкоски, кај овие правни субјекти контролите утврдиле маржи до 70 отсто.
Според Стојкоски, освен клуч на врата, тие ќе бидат и парично казнети.
„Се работи на уште 30 предмети во кои се опфатени сите големи маркети. Инспекторите се постојано на терен, контроли спроведуваме континуирано и така ќе продолжиме“, информира директорот на прес-конференција.
Сепак, неговата генерална оценка е дека мерките на Владата се почитуваат.
Од 24 февруари до 6 март се извршени 365 надзори во трговијата на мало и 64 во трговијата на големо со што се опфатени над илјада малопродажни и големопродажни места. Притоа се констатирани вкупно 36 неправилности и се издадени прекршочни платни налози од 42.000 евра.
Стојкоски денеска уште информираше дека вработените во инспекторатот денеска ја очекуваат платата за февруари, а јануарската им е веќе исплатена.
Тој кажа и дека е решен проблемот и со пријавувањето/одјавувањето на вработените.
Точно е дека до пред неколку дена немавме земено плата за два месеца, но сега веќе не е. За јануари земавме во вторникот или средата, а денеска ја очекуваме платата за февруари. Ова се должеше на трансформацијата и главно се работи за внатрешни активности. Одјавата и пријавата на вработени е завршена и немаме никакви проблеми“, истакна Стојкоски на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.
Пред неколку дена за доцнењето на платите во ДПИ реагираше и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Соопшти дека ќе провери што се случува и доколку се утврди дека вработените не земале плата еден или два месеца, ќе поднесе соодветни пријави.