четврток, 26 декември 2024

Доживотен затвор за кинески банкар поради корупција, одземен му е сиот имот

Поранешен директор на кинеска банка е осуден на доживотен затвор поради еден од најголемите случаи на корупција во земјата. Су Гуоџун, шеф на подружница на Банката на Кина во јужна Кина од 1993 до 2001 е осуден за проневера на 2,3 милијарди јуани, односно околу 325 милиони долари.

Објавено на

часот

Сподели

Овој случај е најновиот во антикорупциската акција која ја нареди претседателот Си Џинпинг, а која е фокусирана на финансиската индустрија на земјата вредна 60 билиони долари. Во таа акција се фатени голем број банкарски функционери и раководители.

Според соопштението на судот, Су и уште двајца поранешни вработени на Банката на Кина ги искористиле дупките во системот за управување со заеми за да добијат лажни заеми. Двајцата соработници на Су претходно се осудени на 12 и 13 години затвор. Повеќе од 2 милијарди јуани од украдените пари сега се вратени, според локалните медиуми.

Су, кој избегал во САД во 2001, но бил присилно вратен пред две години, кажал дека нема да се жали на пресудата. Доживотно му се одземени политичките права, а и конфискуван му е целосниот имот.

Други високи финансиски раководители од кинеските државни банки исто така се парично казнети, затворени или се во моментов под истрага. Претседателот Си Џинпинг кажа дека Пекинг мора да го сузбие „хедонистичкиот животен стил на банкарите“.

Во октомври поранешниот претседател на Банката на Кина беше уапсен поради сомнеж за поткупување и давање незаконски заеми. Лиу Лианж, претседателот на државната банка од 2019 до 2023, даде оставка на својата позиција во март годинава.

Претседателот на Кинеското животно осигурување Ванг Бин беше осуден во септември на доживотен затвор без помилување поради поткупување. Се чини дека напорите да се искорени корупцијата во финансиската индустрија во земјата се сè поголеми, но властите во април предупредија дека борбата против корупцијата е далеку од завршена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ