сабота, 27 јули 2024

Достоинство по 15 пат им оддаде почит на загинатите кај Вејце

Објавено на

часот

Сподели

22 години по крвничкото убиство од заседа на осуммина припадници на АРМ и на МВР кај тетовското село Вејце, букети свежо цвеќе и осум запалени свеќи во чест и помен на убиените положија припадниците на партијата Достоинство и делегација на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Во изјава по одбележувањето на настанот, лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов рече дека сликите од тој ужасен чин никгаш не можат да се заборават.

„Ја имав таа несреќа дента, како старешнина на посебните полициски сили да ја затекнам сцената која што остана по нивното убивање. Сликите беа ужасни, слики кои не можат да се избришат. Затоа изразуваме голема благодарност до министерството за одбрана и до министерката Славјанка Петровска за иницијативата за изградба на спомен обележје за загинатите. Ова, затоа што сме должни како држава да го чуваме споменот на нашите херои, оние кои последни загинаа бранејќи ја татковината. Нека им е вечна славата“, рече Ангелов по положувањето на свеќе на местото каде што се случи крвавиот чин.

Во нивна чест, Петровска до Советот на општина Тетово поднесе иницијатива за подигање спомен обележје.

„Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Македонија кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје“, објави министерката Петровска на нејзиниот фејсбук профил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ