Професорот Донев, посебен осврт во колумната посветува на реакцијата и зачуденоста на францускиот амбасадор во земјава, Ле Лиголер, кој одлуката на македонската дипломатија да ја поддржи резолуцијата за Украина на САД во ОН ја нарече „неочекувана“, па дури и прекорно укажа дека „рускиот империјализам побарува единствен европски одговор“, имплицирајќи дека Македонија отстапила од насоките на заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Донев го прашува францускиот амбасадор во Македонија – зошто тогаш Франција во ист ден , во две различни тела на Обединетите Нации гласа различно?
„Изјавата на францускиот амбасадор, како и прес-конференцијата на лидерот на македонската опозицијата се најдобар доказ како преставниците на Европската Унија во Македонија продолжуваат да се придржуваат до своите ‘принципи’. Имено, францускиот амбасадор, одговарајќи на новинарско прашање, одлуката на Македонија да ја поддржи резолуцијата на САД ја нарече неочекувана. Отиде и чекор понатаму и укажа дека рускиот империјализам побарува единствен европски одговор. Убаво! Ама уште поубаво ќе беше ако на македонската јавност ѝ дадеше одговор зошто неговата земја во Советот за безбедност не стави вето на американската резолуција, туку гласаше воздржано. Зошто во исти ден во две различни тела на Обединетите нации Франција гласа различно. Каде е тука единствениот европски одговор? Го нема! Доколку Франција ставеше вето, тешко дека претседателот Макрон, истиот ден, ќе влезеше во Белата куќа. Француските интереси за Париз се поважни отколку заедничкиот европски одговор. И тоа е разбирливо. Франција е голема сила и има право да постапува така како што ѝ налагаат нејзините интереси. Разбирливо е и тоа дека и таа, и останатите големи сили, не се многу среќни доколку мали држави, како Македонија, искажуваат став кој едноставно не им се допаѓа. Почнуваат да бараат начин, како да го спречат тоа. Во конкретниов случај, лидерот на опозицијата им се погоди. Тој излезе на прес конференција и се пожали дека: „…прв пат македонска влада спонзорира резолуција, потоа не гласа за неа…“?! Премолча, или не бил информиран, дека текстот на резолуцијата кој го спонзорираше Македонија не беше истиот за кој се гласаше. Македонија спонзорираше текст на резолуција кој беше усвоен во Советот за безбедност, стана обврзувачки за сите членки на ООН, вклучувајќи ги и европските. За да биде сликата понаивна, тој јавно се пофали дека неколку амбсадори му се јавиле и побарале објаснување за македонското гласање. Тешко на тие амбасадори доколку бараат објаснување од лидерот на опозицијата, а не од МНР! Право разочарување ќе биде доколку тие однапред не знаеле како ќе се однесува Македонија и зошто така се однесува. Посебно француската дипломатија. Нивните телефонски повици до Филипче имаат само една цел. Да поттикнат јавен напад врз владата и да создадат конфузија во македонското општество“, пишува во колумната професорот Донев.
Понатаму, Донев во колумната, како своевеидна порака до опозицијата вели дека „нациите за сериозни надворешно-политички прашања зборуваат во ист глас. Не може такви прашања да се користат за дневно-политички цели“.
„Сосема накратко, а повторено по кој знае кој пат. Прес- конференцијата на СДСМ во однос на гласањето на Македонија во ООН, повторно покажува дека или сме тешки на учење, или едноставно одбиваме да учиме. Нациите за сериозни надворешно-политички прашања зборуваат во ист глас. Не може такви прашања да се користат за дневно-политички цели. Дотолку повеќе што МНР за позицијата на Македонија кон Украина даде исцрпен став. Став кој кореспондира со ставот на Брисел. Македонија, не по своја вина е заглавена во европската чекална. Дали и кога ќе биде одглавена, не зависи само од неа. Но, тоа не смее да ја ограничи во користењето на тактички надворешно-политички потези. СДСМ како одговорна опозиција, тоа треба да го препознава. Уште повеќе, доколку има дилеми сосема коректно е да побара од владата дополнителни информации. Владата, како и секоја демократска влада во Европа, требе да излезе во пресрет. Тоа таа не го прави за да ги зајакне позициите на опозицијата. Тоа се прави за да се обезбеди дополнителен квалитет во водењето на надворешната политика, но и внатрешна кохезија. Во спротивно европските ‘принципи’ повторно ќе нè вратат во непосакуваното минато“, порачува Јован Донев.