четврток, 26 декември 2024

Доминацијата на политичките настани причина за неквалитетно известување за родово базираното насилство

Родово базираното насилство во Македонија се соочува со многу предизвици, а еден од најголемите е начинот на кој медиумите известуваат за овие случаи. Според анализата на Институтот за комуникациски студии (ИКС), доминацијата на дневнополитичките случувања, ограничените ресурси во редакциите и отсуството на извори придонесуваат кон недоволно и неквалитетно известување за оваа тема. Дополнително, овие теми често не се сметаат за приоритетни, што води до нивно занемарување во медиумите. Оваа ситуација е особено загрижувачка бидејќи етичкото и одговорно известување може значително да придонесе кон подигнување на свеста и заштита на жртвите.

Објавено на

часот

Сподели

Авторката на анализата „Етичко известување за родово базираното насилство во Северна Македонија“ и експертка за медиуми, Марина Тунева, вели дека истражувањата покажуваат дека медиумите сѐ уште користат стереотипи и сензационализам, недоволно информираат за родовата еднаквост и немаат континуитет во известувањето.

„Истражувањата кои што се спроведуваат во нашата држава покажуваат дека сѐ уште медиумите известуваат на начин кој што подразбира користење на стереотипи, отсуство на теми и прашања поврзани со родовата еднаквост, сензационалистичко информирање за овие прашања, недоволно, неконзистентно информирање. Не постои континуитет во информирањето и вообичаено, кога се зборува за родот, во контекст на родово базирано насилство, се зборува само за инциденти што се случиле, понекогаш за настани на граѓанскиот сектор, одбележување на некакви случувања, меѓународни денови, кампањи и слично“, вели таа за МИА.

Она што може да се направи да се подобрат околностите, според Тунева, се промени во уредувачките политики и градење на капацитетите на редакциите.

„Потребни се промени во уредувачките политики. Да се даде приоритет на ваквите прашања и да не бидат потиснати од темите кои што се поврзани со дневнополитичките случувања. Да се постават високо на медиумската агенда, за тоа да е случај треба да се вклучат и уредниците. Подигнување на сензитивноста во информирањето подразбира и градење на капацитетите во редакциите. Новинарите, новинарките и уредниците, да се вклучат во ваквите иницијативи малку поактивно и за вакви прашања да се известува малку повеќе и почесто. Во известувањето може да се вклучат и мажи. Да не бидат тоа само жени кои ги отвораат овие прашања во редакциите и да бараат согласност од уредниците да известуваат околу овие прашања“, вели таа.

Контекстот, исто така, го посочува како еден од неопходните елементи и потенцира дека е важно да се објасни зошто овие инциденти се повторуваат, дали законот се спроведува правилно и дали институциите функционираат и знаат да препознаат случаи на родово базирано насилство.

„Исто така, треба да се разгледа дали фемицидот може да се спречи со навремена реакција на институциите и службите“, потенцира Тунева.

Медиумите како клучни чинители во борбата против насилството врз жените

„Водич за мониторинг на примената на стандардите за известување за случаи на родово засновано насилство во медиумите“ на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги дефинира медиумите како клучни чинители во спречувањето на насилството врз жените и во едукацијата и зголемувањето на свеста за овој проблем.

Медиумите, според водичот, можат да играат двојна улога и тоа од една страна можат да помогнат во спречувањето на насилството и едукацијата на јавноста, но од друга страна, преку неодговорно или сексистичко известување, можат да ги зајакнат дискриминирачките и штетни ставови кон жените.

Водичот истакнува дека медиумското известување е дел од „градењето“ на културолошките разбирања за жените и родово заснованото насилство (РЗН). Тоа вклучува и промовирање на структурно и институционално значење поврзано со политиките за борба против РЗН, не само преку известување за случаи на насилство, туку и преку одговорот на институциите како полицијата, судовите и државата.

Превентивната функција на медиумите како едукатори и културолошки „раскажувачи“, како и нивната улога во заштитата од насилство преку сензибилизирано и етичко известување, се начелата врз кои се потпира овој водич.

Според Катарине Сарикакис, експертка на Советот на Европа и авторка на водичот, проблемот е двостран и сочинет од незнаење и стереотипи.

„Од една страна немаме знаење и емпатија како да информираме за насилството врз жени и родово базирано насилство. Од друга страна, имајќи предвид дека новинарството е под огромен притисок, најлесната или најбрза рута е да искористиме она што знаеме и кога го правиме тоа, но, тогаш се појавуваат стереотипите. Старите начини на справување со проблемите. Го немаме менталниот простор да мислиме и да ги направиме работите поинаку и подобро“, вели таа.

Она што може да се направи подобро, како што вели, е да се употребуваат насоките од водичот на индивидуално ниво, новинарите да ги погледнат и да се присетат дека не помислиле на некои работи при изработката на текстот, или, како можат да го направат тоа, но на нивен начин.

„Да се сподели дискусијата, знаењето и да се пренесе и на уредниците.Не значи дека луѓето или пак медиумските организации ќе се сменат за еден ден, но значи дека се зборува за тоа. Ние како индивидуалци и одговорни професионалци ќе научиме подобри начини да претставуваме приказни и следејќи ги овие насоки и применувајќи ги, ги правиме приказните побогати и со подобар пристап за третман на проблемот. Еднаш кога имаш агол што го нема друг, тоа ја прави приказната подобра“, вели Сарикакис.

Изоставување на податоците за идентитетот е заштита на жртвите

Медиумите за случаите за родово базирано и семејно насилство најчесто дознаваат од Министерството за внатрешни работи каде што се пријавуваат овие случаи.

Според информациите од МВР, во 2023 година се регистрирани 1.082 кривични дела во врска со семејно насилство, за кои се пријавени 1.097 сторители и 1.123 жртви од кои 883 се жени и 240 мажи.

„Во најголем број како жртви на семејно насилство се сопруги – 414, потоа жени во вонбрачна заедница – 111, татко – 95, поранешна сопруга – 72, син – 50, ќерка – 42, сопруг – 22, маж во вонбрачна заедница – девет и поранешен сопруг – осум луѓе“, пишува во статистиката на МВР.

Што се однесува до оваа година, од јануари до јуни се регистрирани 528 кривични дела поврзани со семејно насилство, во кои имало 533 сторители и 555 жртви. Од жртвите, повторно најмногу, односно 443 се жени, а 112 мажи. Ситуацијата е иста и со сторителите, каде што најголем број, или 490 се мажи, а 43 жени.

Во насока на заштита на идентитетот на овие жртви, Министерството за внатрешни работи, во својот билтен во кој се наведени дневните настани пријавени до нив, не ги наведува податоците за идентитетот на жртвата.

„Изоставувањето на податоци за жртви на насилство во МВР билтенот се врши од случај до случај. Секогаш се стремиме да ја заштитиме жртвата. Ако жртвата е од Скопје, не е проблем да се наведе возраста, но ако е од помало место, како, на пример, некое помало село во Неготино, се внимава повеќе. Во помалите места, заштитата на идентитетот на жртвата е приоритет. Зависно од случајот, ако процениме дека може да биде загрозена, се изоставува возраста, а понекогаш и годините, и се наведува само настанот“, велат од МВР.

Посочуваат дека тоа е нивна интерна одлука базирана на комуникација со невладините организации и други релевантни субјекти бидејќи се работи за чувствителни информации и секогаш гледаат жртвата да биде заштитена, за да не биде дополнително изложена на ризик.

Медиумите мора да известуваат во согласност со професионалните стандарди

Известувачка мрежа за разновидност (Reporting Diversity Network) посочува дека медиумската практика на известување за родово базирано насилство не е задоволителна. Тие сметаат дека феноменот не се третира како општествен проблем, туку се фокусира на индивидуалните карактеристики на жените и мажите. Има минимално или никакво известување за различни форми на насилство, а акцентот се става на физичкото, сексуалното и семејното насилство, често сензационализирајќи ги најбруталните случаи. Приватноста на жртвите и сторителите не се почитува, откривајќи го нивниот идентитет, понекогаш случајно, не земајќи предвид дека името не е единственото нешто што може да го открие идентитетот на личноста.

Тие препорачуваат дека медиумите мора да известуваат во согласност со законските и професионалните стандарди, почитувајќи ја родовата еднаквост и избегнувајќи стереотипи. При известување за родово базирано насилство, треба да се фокусираат на различните форми на насилство, причините за него, работата на институциите и правната рамка, како и животот по насилството. Потенцираат дека е важно е да не се прави штета и да се обезбеди поширок контекст.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ