петок, 27 декември 2024

Долчевитата сè уште постои!

Објавено на

часот

Сподели

Иако се чини дека Алпите се насекаде исти, Доломитите без сомневање се нивниот најубав дел. Дијамантчето на Доломитите е Кортина Д Ампецо, домаќин на Светското првенство во скијање во 2013 година. Тука Питер Селер на својот неспретен, препознатлив начин ги бркаше крадците на дијаманти, Џемс Бонд на скии господареше низ познатите скијачки патеки, Силвестер Сталоне беше алпинист, а во златната доба на италијанскиот филм Софија Лорен и нејзиното филмско друштво тука доаѓаа секоја зима. Долчевитата и денес е магнет за туристите што гостуваат во ова симпатично гратче сместено на Доломитите, блеснато од шарм уште од 20-те години, кога и започнала туристичката традиција.

Понудата за оние што скијаат е голема, има неколку скијачки центри во близината, а најголеми од нив се Тофана, Кристало и Фалорија. Така, секој ден можете да скијате на различно место, но и за оние што не скијаат понудата е разновидна. Хотелите располагаат со спа и велнес-центри, прошетките низ природата се одлични за спортување и релаксација, а може и да се лизга во олимпискиот стадион, да се јава коњ или да се рафтува на снег.

 

Првиот бар во Италија

 

Кортина е позната по своите луксузни хотели, гурмански ресторани и многубројни енотеки. Тука се наоѓа првиот бар во Италија, со име Енотека, но сите го знаат како енотеката на Џери. Кај Џери е преполно до последно место, дури и на стоење, особено во попладневните часови. Се служат пршута и сирења, неизбежен е и пармезанот, се дегустираат вина како аперитив пред вечерата, а за амбиентот придонесува и самиот газда Џеронимо, кој другарува со гостите. Како одличен познавач на вина (можеби и еден од најголемите колекционери на вино во оваа област) им сугерира на своите гости кое вино со што одговара. Изборот на вина е огромен, а идејата е да не се пие само од еден вид, туку да се пробаат што повеќе различни вина, само по редослед што нема да ви предизвика главоболка ниту пијанство. Сè што треба да направите е да им се препуштите на советите на Џери. Ако навраќате почесто тука, нема сомневање дека многу ќе научите за вината. Џеронимо му дава бесплатни лекции за дегустација на вино (и мезе) на секој што ќе го замуабети.

 

Спиење во бачило

 

Италијанците сè повеќе уживаат во селскиот туризам, па оттука сместувањата во бачилата во последниве години се во тренд. Предноста на бачилото е во пристојните цени за ноќевање. Обично се оддалечени од градот на само 5 до 10 минути со автомобил, изградени се на самите околни планини од каде што ноќе се гледа гратчето како на дланка. Дрвени, и бескрајно романтични, бачилата нудат вина од визбата и храна поради која многумина навечер доаѓаат тука. Специјалитети се зајак и срна, кои се сервираат со палента. Тестенините се домашни, поинакви од оние што би ги јаделе во големите италијански градови. Палентата вреди да се проба, но и бифтекот од елен во сос од боровинки и рибизли, равиолите од спанаќ и традиционалната паштета. Едно од популарните бачила е Баита Фраина. Од рестораните, пак, мошне поскапиот Тиволи (поради своите Мишелин-ѕвездички) нуди гурмански специјалитети сервирани како уметнички дела. Колачињата се посебна приказна!

 

На Корзо на шопинг

Главната туристичка улица во Кортина се вика Корзо. Преполна е со луксузни бутици и речиси нема бренд што нема да се најде. Прада, Гучи, Бенетон, Блгари… Сепак, симболот на шопингот е трговскиот центар Ла кооператива ди Кортина. Изграден е во 1893 година. Скулптурите направени од мраз се наоѓаат насекаде по улицата. Дење не е полна, ама ноќе Корзо личи на осветлена галерија.

 

Скијање на 3.000 метри

Квалитетот на скијачките патеки многупати е потврден и преку светските првенства, но и Зимската олимпијада одржана во 1956. До врвот на Тофана, 3.200 метри, ќе ве однесе брзата жичница, а кога времето е убаво, оттаму може да се види и морето. Цената на шестдневен скибилет изнесува 260 евра, а еднодневниот скибилет е 39 евра. Околу 13 часот бачилата се преполни со скијачи. Најбаран пијалак е бомбардино, во силна жолта боја и со шлаг на врвот. Добар е за загревање, содржи ароматичен, силен рум од Јамајка. Благ е и фаќа на втора, но секако ќе ве стигне на симнување по патеката. Греаното вино со цимет е поспокојна варијанта. Но, и тоа, само кога е во умерено количество.

Ј.К.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ