недела, 3 ноември 2024

Докузовски повторно ќе гаси пожар во бугарски Лукоил

Објавено на

часот

Сподели

Македонскиот стратег во првите денови од новата 2012 година постигна официјален договор со „студентите“ за преземање на тимот од Правец, каде што треба да ја има улогата на пожарникар по разочарувачката елиминација на Лукоил А. уште по првата фаза од Еврокупот. Тој доаѓа на местото на српскиот стратег Јовица Арсиќ, кого го замени и на клупата на репрезентацијата на Македонија пред нешто повеќе од две години.
„Среќен сум што повторно сум во Лукоил со оглед на тоа што тука имам многу пријатели. Брзо се договорив и со раководството на тимот за идна соработка. Во преден план ќе ни бидат трофеите во домашните натпреварувања“, вели македонскиот тренер.
За Докузовски ова е позната ситуација бидејќи и неговото прво седнување на клупата на „студентите“ се случи во текот на сезоната 2005/06, кога го замени Тити Папазов, чиј асистент беше дотогаш. Тогаш тој успеа да дојде до домашните трофеи, нешто што и сезонава не би требало да биде проблем со оглед на тоа што Лукоил А. во моментов е далеку најдобар тим во бугарското првенство.
„Не би сакал да ги потцениме другите бугарски клубови, но мислам дека ќе успеам да го разбудам тимот и да дојдам до трофеите во купот и во шампионатот. Засега не можам да кажам дали ќе носам нови засилувања. Во следните десетина дена ќе видам со што располагам, па потоа ќе знам дали ќе менувам нешто“, дополнува Докузовски.
Според бугарските медиуми, Докузовски во таборот на бугарскиот шампион ќе заработува 6.000 евра месечно, додека според други извори тој до крајот на сезоната ќе треба да инкасира вкупно 50.000 евра. Според двата извора, постои сериозна можност договорот да биде продолжен и за следната сезона.
Докузовски во моментов е без договорна обврска со Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а се очекува во следните 30-тина дена да биде познато дали тој ќе остане на чело на најдобриот спортски колектив кај нас во минатата година, односно дали ќе ги предводи жолто-црвените на квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ во Лондон годинава, кој во јули ќе се одржи во далечната Венецуела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ