недела, 19 мај 2024

Докторите од Токсикологија укажуваат на проблеми со економската директорка, министерот ќе го разрешува медицинскиот

Долг од два милиони денари, хаос, со месеци чекање валидизирани резултати – се само дел од проблемите со кои се соочуваат вработените во Клиниката за токсикологија откако за вршителка на должноста организациска директорка е назначена Бесија Илјази се пожалија денеска на прес конференција вработени во Клиниката за токсикологија. Изјава даде и организациската директорка на клиниката, Бесија Илјази но, само на албански јазик. Министерот за здравство Илир Демири пак најави дека денеска ќе го разреши медицинскиот директор на клиниката, д-р Данил Петровски, а за Илјази кажа дека работи добро. МКД.мк прв објави дека Илјази не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки врботени во оваа клиника и таа ретко доаѓа на работа и тоа со својот татко кој како да е нејзино обезбедување.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Доктор Нико Беќаровски на денешната прес-конференција, којашто ја држеше заедно со останатите лекари на Клиниката, рече дека главен проблем со којшто во моментив се соочува клиниката е доекипирањето на лабораторијата, поради што пациентите трпат. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.

„Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар со средна медицинска спрема“, појасни Беќаровски.

Тој истакна дека клиниката веќе неколку години е на маргините, во рок за шест години се сменети пет директори, додавајќи дека од 12 февруари, клиниката има нова организациона директорка, дипломиран економист, со која се соочувале со отпор и несоработка.

Во неколку наврати, додаде, било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира.

„Од директорката се инсистира да бидат примени сите 18, кои претходно беа примени со договор на дело, а на кои им истече договорот. Ставот на лекарскиот колегиум, е, дека немаме потреба од толкав број нови примања“, рече тој.

Дополнително, медицинскиот директор Данил Петровски одбива да ги потпише вработувањата бидејќи е предизборен период.

На новинарско прашање, тој одговори дека меѓу 18 луѓе за кои директорката Бесија Илјази бара да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборантот да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина.

Болничарот пак по завршувањето на прес конференцијата пред новинарските екипи призна дека барал урина со наркотици да се замени со чиста, ама бил одбиен од колегите.

Беќаровски подвлече дека немаат комуникација со директорката, бидејќи, како што рече, таа не го знаела македонскиот јазик. Тој рече дека имал обиди со неа да разговара на англиски. Комуникацијата, додаде Беќаровски, била преку преведувач, кој бил дел од тие 18 луѓе, па докторот рече дека не знаат дали точно се пренесувало тоа што го зборувале и обратно, дали точно им се преведува нејзиното говорење.

Беќаровски се осврна и на резултатите од работењето во изминатиот период, рече дека државата нема акредитирана токсиколошка лабораторија, иако на сите министри им се укажувало тоа.

Нагласи дека ниту еден од вработените присутните на прес конференцијата, медицински лица истакнати во својата професија, не е активен член на политичка партија, а сите се со долги години стаж.

Изјава даде и организационата директорка на клиниката, но, само на албански јазик.

А министерот за здравство Илир Демири денеска изјави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, а за економската директорка Бесија Илјази кажа дека работи добро.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ