Како лидер на образованието во регионот, а богами и пошироко, Апсурдистан, со цел да држи чекор со современиот тренд на трупање на информации, а поаѓајќи од проверената аксиома дека современите хуманистички неолиберални универзитети во основа се фабричка лента за масовно производство на главно не толку потребни информации, но навјажно од сè политички коректни формации од кои потребните информации не можеа да дојдат до израз – Апсурдистан прв воведе нов, четврт циклус на студии. Овие студии беа замислени како нов врв на формалното образование, кое мораше да фати чекор со новото ненормално… ова, со новото време.
Па така, откако академскиот граѓанин ќе го стекнеше до неодамна највисокото научно-академско звање „доктор на науки“ сега можеше да оди чекор напред и да се бори за титулата „доктор на неуки“. Исто како што порано звањето „доктор на науки“ беше задолжително за да се стане универзитетски професор, сега мораше најпрвин да се биде „доктор на неуки“ (или скратено „дрн“), пред да може да се стане професор. Новата титула скратено гласеше „дрн-дрн“, при што удвоеното „дрн“ ја изразуваше престижноста на новото академско звање, нешто како „господин-господин“. Или: подрн – здравје!
Секако, оваа титула беше корисна и надвор од академската фела, и тоа пред сè во научно-истражувачката и општествено-активистичката дејност. Доктори на неуки, на пример, особено се истакнуваа во невладиниот сектор и во политичкиот живот. Еве неколку примери:
Дрн-дрн Владимир Невладин беше експерт за некаузалните врски меѓу боите, грантовите и револуциите. Неговата теза изврши трајно влијание врз модалната метафизика и политичката естетика.
Дрн-дрн Фрлимир Фалус беше експерт за политсемиотика и политметафизика – тој имено ја ревитализираше метафизиката на слободната волја, докажувајќи им на Апсурдистанците дека се трансцендентално идиотски… ова… семиотски слободни да се идентификуваат како секоја можна стилско-значенска фигура, да бидат Парадокси, Оксиморони, Метафори, Синегдохи, Метонимии, Паронимии, Персифлажи, Камуфлажи, Амбалажи… сè додека реченицата ја почнуваат на север, а ја завршуваат на запад. Секако, единствениот модален предуслов беше точките да им се лепнуваат од југ, а извичниците од исток!
Дрн-дрн Аце Машала беше експерт за квантен патриотизам и ја одбрани тезата дека Апсурдите се постари од атомите, сè разбира, само доколку се набљудуваат на квантно ниво!
Дрн-дрн Бајо Мижиасанов беше експерт по психометафизика; меѓу народот, неговите колеги се попознати како мотивациски психолози, мотивациски говорници, дресери на луѓе – или нешто посифистицирано кажано – „лајф-коучи“: Дрн-дрн Мижиасанов живееше (и тоа поприлично добро) од продавање книги и држење говори во кои ги убедуваше луѓето дека со глава може да се сруши ѕид и дека доколку тоа не им успева, причината да не ја бараат во ѕидот, туку во својата глава (некои порадикални колеги на дрн-дрн Мижиасанов тврдеа дека ѕидот е само во главата). Имено, според психометафизичарите, како и според секој добар метафизичар, сè е во главата: ако сѐ уште не сте го срушиле ѕидот со главата, значи не сте се труделе доволно! Иако емпириските докази не беа баш во нивен прилог, кога метафизичарите ги интересирале емпириски докази? Најпосле, од мавање глава во ѕид немаше штета: во најлош случај, и ѕидот си остануваше на свое место, и главата на свое! (Секако, за содржината на главата немаше никакви гаранции!) Освен тоа, имаше доволно тврди глави кои беа посветени на ова учење и кои – види чудо – одвреме-навреме понекој ѕид најпосле ќе попуштеше пред нивните глави (тука, секако, мора да се нагласи дека градежната мафија во последно време користеше мошне сомнителни материјали)!
Доколку дрн-дрн Мижиасанов и останатите специјалисти од неговата фела имаа проблеми со емпириските оспорувања на нивните експертизи, тоа ни најмалку не беше случај со дрн-дрн Дрпољуб Тендеровски и неговите колеги, експерти за емпириска теологија. Дрн-дрн Тендеровски, имено, на брилијантен начин ги спои емпириските науки и метафизиката во една дисциплина – тендеристика, докажувајќи ја експериментално точноста на старата теолошка доктрина creatio ex nihilo: се зачлени во владеачката партија гол и бос, а ја напушти со чевли од „Версаче“, одело од „Булгари“ и неколку вили и спортски автомобили!
Дрн-дрн Драпојко Тртиславски беше експерт за ненормална… ова… за формална логика, лингвистика и реторика – докажа дека нема неодбранливо тврдење, сè додека доаѓа од партискиот лидер (или од нему надредената странска амбасада)! Своевремено беше и министер за надворешни работи.
Со толку многу доктори на неуки Апсурдистан беше особено ценет и уважен партнер во меѓународната заедница и стоеше на самиот источен браник на славните западни вредности! Оттука, не треба да зачуди што Апсурдистанците беа особено горди што имаа најмногу доктори на неуки по глава на жител! Впрочем, уште еден показател за тоа колку успешна и далековидна беше оваа образовна реформа е и фактот што – за разлика од армијата невработени академски граѓани со диплома, магистерска и докторска титула – немаше ниту еден невработен доктор на неуки! Напротив, сите доктори на неуки беа видни општествени дејци, добро ухлебени во партиски штабови, невладини организации, дебатни емисии, разузнавачки… ова… новински агенции, амбасади и разноразни министерства и секретаријати… Колку многу овие доктори на неуки беа ценети и уважувани надвор од Апсурдистан покажуваше фактот што нивните многунеуки тимби беа чест објект на заушки, шамари, камшици и други воспитни од видни (и не толку видни) претставници на меѓуненародната заедница!
И навистина, кој може да рече дека да се биде доктор на неуки не е врвно академско достигнување, но уште поважно, кој може после оваа образовна реформа и понатаму да тврди дека формалното образование не користело во стварниот живот?!
Најпосле, на особено заслужни, надворешно услужни и безумно послушни академски граѓани кои постигнале вонсериски резултати во својата област на неукост им се доделуваше и почесна титула: дрн-дрн-јариња!
Рајко Пеколски