сабота, 27 јули 2024

Дојче веле: БиХ ќе ја спасува гладната за оружје Украина

Европа произведува околу 650.000 парчиња муниција со голем калибар годишно, а фабриката Претис од Вогошќа би можела околу 100.000.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На украинската војска ѝ недостасува муниција, пред сè од голем калибар. За тоа се разговарало и на самитот за Украина во Тирана, на кој, според функционерите на Европската Унија и претседателот на Украина Володимир Зеленски, учествуваа и лидерите на балканските држави.

Поради блокадата на американската помош во Конгресот, но и неможноста на европските сојузници веднаш да обезбедат доволни количества муниција за Украина, сега во фокусот се „партнерските држави“ кои би можеле да учествуваат во снабдувањето на Украина со муниција, укажува за Дојче веле директорот на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии во Љубљана Зијад Беќировиќ и додава: „Таквиот аранжман би бил и од корист за БиХ“.

Тој, меѓутоа, предупредува на политичките тешкотии. „Поради противењето на српските политичари во институциите на власта во БиХ – бидејќи луѓе на Милорад Додик, а Додик, според него, е играч на рускиот претседател Владимир Путин, го контролираат министерството за надворешна трговија кое е надлежно за давање дозволи за извоз на оружје – извозот на муниција од БиХ во Украина би можел да биде доведен во прашање“, вели Беќировиќ.

Босанскиот политиколог Јасмин Мујановиќ смета дека токму БиХ со извозот на муниција на Киев би можела да го „смени текот на војната во Украина“. За да се надминат блокадите на српските претставници во надлежните институции, Мујановиќ вели дека гранатите произведени во БиХ би можеле да ги купуваат влади на држави од НАТО „преку постоечките извозни договори“ и да ги испраќаат во Украина, со што би се заобиколила забраната за извоз од 2015 година.

Мујановиќ на социјалната мрежа Икс напиша дека босанската муниција би ѝ била „од голема корист“ на Украина. „Во Украина е загрозена безбедноста на комплетната евроатлантска заедница. Средства за победа постојат, во овој случај во БиХ. Само треба волја за дејствување“, заклучува Мујановиќ.

„Европа денес прозведува околу 650.000 парчиња муниција со голем калибар годишно, а интензивно се работи на зголемување на капацитетите на над милион парчиња муниција од 155 милиметри“, вели за Дојче веле Берко Зечевиќ, еден од врвните експерти за муниција во БиХ. До почетокот на војните во деведесеттите години вкупниот годишен производен потенцијал на Претис во две смени бил 760.000 парчиња артилериска и минофрлачка муниција. „Реално, Претис произведувал од 350.000 до 400.000 парчиња артилериска муниција годишно, бидејќи немало договори за поголемо производство“, вели Зечевиќ.

Вредноста на извозот од БиХ во 2023 година надминала 241 милион марки. Најмногу оружје и муниција БиХ извезла во Соединетите Американски Држави, со вкупна вредност од околу 68,4 милиони марки. Меѓу позначајните држави увознички на босански оружје и воена опрема се Бугарија, Ирак, Турција, Саудиска Арабија, Малезија, но и соседите Србија, Хрватска и Црна Гора.

Следните дваесет до триесет години сигурно ќе бидат во знак на „нови студени војни“, како во Европа така и во други делови од светот, оценува Дојче веле. „Не би требало да се пропушти приликата да се воспостави сериозна соработка со светските произведувачи на муниција“, вели Зечевиќ и заклучува дека, со соодветен однос на власта, пред воената индустрија на БиХ би можел да биде перспективен период.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ