сабота, 27 јули 2024

Договорот за обезбеденост со храна во рамки на Отворен балкан е добар ама не и за Македонија, тврдат опозициските пратеници

Објавено на

часот

Сподели

„Договорот е во ред, но не и политиката на Владата кон земјоделството. Владата го уништува земјоделството. Сите кои имаат развиено земјоделство и вишоци ќе може да пласираат, што не е случај со Македонија. Договорот е добра форма и ќе се сведе на тоа што беше досега – ако има милост Србија ќе ни даде жито и зејтин, Албанија ќе не обезбеди со раноградинарство, зашто ние нашето во 50 проценти го уништивме. Македонија само ќе продолжи да раскажува приказни како хранела држава со 22 милиони жители“, рече пратеникот Здравко Трајанов.  

Според Антонијо Милошоски, најголем корисник од договорот ќе биде Србија зашто во минатите пет-шест години најмногу вложила во производство на храна кое, како што рече, кај нас е во драматично опаѓање.

Тој смета дека намаленото производство и кратење на субвенциите ги демотивира земјоделците да произведуваат и земјава повторно ќе стане уште позависна од увоз на храна од соседни земји.

Во исто време министерот за земјоделство, Љупчо Николовски од агробизнис конференцијата во Србија изјави дека Македонија, како и Србија, во наредниот период е фокусирана на преработувачката индустрија и финалните производи.

„Отворен Балкан треба да се базира на темата за квалитетот на производите што ќе ги пласираме на пазарот“, рече Николовски, а објави весникот „Политика“.

Тој ги посочи тутунот, виното и производите од преработувачката индустрија како најважни стратешки производи кои постигнуваат рекордни извозни резултати. Како што рече, 2020 година била рекордна во трговската размена со Србија и смета дека оваа размена ќе продолжи да расте и дека треба да се поттикнат производителите да се приклучат.

„Скратени се процедурите на чекање на граничните премини, воведено е и признавање на зелените сертификати и анализи“, рече Николовски.

Неговата српска колешка Јелена Танасковиќ истакна дека иницијативата Отворен Балкан покажала колку е важна и колку значи за сите, додавајќи дека оваа иницијатива ја гледа како подготовка за влез во ЕУ.

„Само трите членки кои се во оваа иницијатива, во претходниот период заштедиле повеќе од 30 милиони часови поради договорот за слободно движење и незадржување на стоката. Според проценката на Светска банка, заштедите од иницијативата „Отворен Балкан“ се околу три милијарди евра, од кои половина одат за Србија“, објасни Танасковиќ и додаде дека овие бројки несомнено покажуваат што значи здружување.

Таа напомена дека Србија е нето-извозник на земјоделски производи и дека во претходниот период „првенствено бевме извозник на суровини, додека сега работиме систематски да преминеме на извоз на готови производи со додадена вредност. Во моментов работиме, додаде таа, на усогласување и потпишување на 36 нови договори за извоз на прехранбени производи.

Организатори на регионалната конференција за агробизнис на Копаоник се Министерството за земјоделство и Стопанската комора на Србија. Некои од поважните теми кои ги следеа повеќе од 300 учесници беа дигитализација на земјоделството, финансирање на земјоделството и влијанието на климатските промени врз земјоделството.
 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ