сабота, 27 јули 2024

Договорот за коридорите ќе биде објавен, најави портпаролот на СДСМ

Објавено на

часот

Сподели

Тој на прес-конференција во Собранието истакна дека ВМРО-ДПМНЕ намерно шири невистини за изградбата на коридорите 8 и 10д, кои, како што нагласи, се најголемиот проект вреден 1,3 милијарди евра, од кои над 600 милиони евра ќе завршат кај домашните градежни компании.

„Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе плаќа пенали ако во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите се целосно неточни. Како кај секој друг договор каде инвеститорот и изведувачот имаат свои права и обврски, изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски  одредби. Но, во тој случај рокот за изведба би бил подолг. Имајќи предвид дека станува збор за стратешки проект од национален интерес, наместо да трае со години изградбата и да чини повеќе, понудено е решение за да се заврши проектот во што покус временски рок. ВМРО-ДПМНЕ е последна што може да прозива некого за оваа тема, затоа што токму заради провизиите на нивните функционери и промашените проекти, со години беше заглавен автопатот Кичево-Охрид, проект кој сега интензивно се гради откако беа отстранети сите недостатоци“, рече Каевски.

Тој додаде дека не е точно ниту тврдењето дека со промената на законските решенија се нарушуваат работничките права.

„Прво, станува збор за предложени измени во Законот за работни односи кои се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес. Второ, станува збор за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50 отсто повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа за останатите прекувремени часови согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор. Трето и најважно, сето тоа ќе се случува само и само со претходна обезбедена писмена согласност од самиот работник. Сите ги паметиме времињата кога ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија системски ги кршеше работничките права, а македонските граѓани ги претставуваше како евтина работна сила.  Тоа време заврши и нема да се врати назад“, истакна портпаролот на СДСМ.

Каевски изјави дека на комисиските расправи ќе се разгледаат сите амандмани и ќе се дискутира за нив и изрази уверување дека ќе проработи разумот, како што рече, не само за овој процес, туку и за останатите процеси коишто се во интерес на државата.

„Одговорноста за процесите не ја има само власта и пратениците од владејачкото мнозинство, туку ја имаат и сите останати чинители, вклучително и опозицијата. Одговорноста е подеднаква и заеднички мораме да делуваме за одредени процеси кои се стратешки интерес и за граѓаните и за државата“, додаде портпаролот на СДСМ.

                                                                                                                                                      МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ