сабота, 27 јули 2024

Договорот со Бехтел и Енка од ДКСК „се сели“ во Обвинителството, за Трансмет има нови сомнежи за кривично дело

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 99-та седница ја презентираше анализата на одлуките при носењето и склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10д со Бехтел и Енка и донесе одлука таа да се достави до Основното јавно обвинителство (ОЈО) за нивно понатамошно постапување. ДКСК денеска донесе и одлука  да направи дополнување на иницијативата за кривично дело што ја достави во јули лани за случајот Трансмет.

Објавено на

часот

Сподели

Членот на ДКСК Катица Николовска, изнесувајќи го предметот, посочи дека од доказите кои што ги обезбедиле во текот на постапувањето, ги натерало да направат анализа за состојбите и постапувањата на државните органи при носењето одлуки, при носењето на законот и склучувањето на Договорот за градба на коридорите 8 и 10д со Бехтел и Енка.

„Меморандумот е потпишан, но јавно не е објавен досега. Потоа група пратеници поднесува предлог закон и по 15 дена се носи во Собранието. Тој се применува како лекс специјалис и исклучува примена на други закони. Ваквото постапување на Владата упатува на усогласено постапување и низа активности со цел обезбедување незаконски поволности. Активностите на владини претставници согласно нивните наводи за склучување на договорот, може да се оценат како спротивни на законот за лобирање“, изјави Николовска.

Ако се земе во предвид дека договорот за градење на 109 километри автопат во вредност од 1,3 милијарди е со ознака доверливо, Николовска посочи дека тоа отвора сомнеж за потенцијална корупција.

„Договорот што го баравме од Владата со Бехтел и Енка по голем број преписки го добивме, но не целосно. Без голем број анекси.  Од таа причина не навлеговме во оценка на договорот во целост, изјави Николовска.

Постојат индиции, нагласи Николовска, за несоодветно и незаконско постапување на одредени лица.

„Во делот на носење на законот немаме што многу да интервенираме. Мојот предлог е да ја усвоиме анализата од постапувањата на државните органи при склучувањето на договорот. Анализата да се достави до ОЈО за нивно понатамошно постапување. Знаеме дека постапуваат, пробавме, но не можевме да стапиме во контакт со нив. Анализата заедно со одлуката да биде објавена на нашата веб страна“, појасни Николовска.

Анализата на ДКСК, како што беше посочено по нејзиното презентирање покажува дека постојат ризици од корупција, но дека засега нема ништо конкретно и дека надлежните институции треба да продолжат да го следат.

ДКСК денеска донесе и одлука  да направи дополнување на иницијативата за кривично дело што ја достави во јули лани за случајот Трансмет.

Како што рече членот Шемси Салаи, ДКСК се сомнева дека штетата за Буџетот од неуспешната конфисакција на опремата на Трансмет изнесува најмалку 26,5 милиони евра.

„Фактите укажуваат на сомнежи на перење пари и други дејности од казниво дело, злоупотреба на јавен повик, несовесно работење, злоупотреба и искористување на службената положба и овластувања од страна на службени лица од Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Министерството за транспорт, за животна средина, од тогашното Специјално јавно обвинителство, Основниот кривичин суд Скопје, Силекс и други правни и физички лица со што е направена штета на Буџетот на РСМ.  Поради тоа, ДКСК  ќе достави дополнување на нејзината иницијатива за кривично дело што ја достави со претходната одлука за Трансмет“, рече Салаи.

ДКСК постапувала врз основа на пријава од познат подносител по електронски пат. Во пријавата било наведено дека Силекс неметали и Трансмет добиле тендер за изградба на браната Речани во Кочани, во износ од 36 милиони евра, дека за случајот Труст и двете правни лица биле осудени да платат штета на државата и исто така дека Силекс неметали бил со блокирана сметка, а за изградбата на браната наплаќал цесии од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Дополнително, во пријавата било наведено дека стечајниот управник на Трансмет добил насоки од поранешниот премиер Зоран Заев да не покренува никакви тужби против Силекс за солидарен надомест на штетата, дека наплатата на долговите се одвивала преку турски фирми и оти имотот на државата бил кај Силекс неметали – Кратово.

ДКСК за постапување по пријавата побарала информации од Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за транспорт, Агенцијата за управување со одземен имот, Народната банка на Србија, деловна банка на Силекс неметали, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Царинската управа и од Централниот регистар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ