среда, 29 мај 2024

Додик: Владата на РС ќе одржи седница во Сребреница на 2 мај

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека Владата на РС на 2 мај ќе одржи седница во Сребреница, на која ќе биде присутно целото раководство на ентитетот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додик рече дека РС нема да ја прифати Резолуцијата за Сребреница, за која на тој ден ќе се гласа во Генералното собрание на ОН, бидејќи, како што наведе, сѐ што е напишано во неа е лага.

Тој додаде дека доколку му се укаже можност, венците ќе ги однесе во Меморијалниот центар во Поточари.

„Ако ни се укаже можност на 2 мај, венците ќе ги однесеме во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како (српскиот претседател Александар) Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, да изрази сочувство, а доби камен во глава и никој не одговараше за тоа“, рече Додик, пренесе Радио-телевизија РС.

Тој изјави дека РС „нема намера да ја вклучи приказната за геноцидот во Сребреница во училишните учебници“, ниту ќе го одбележува тој ден како Меѓународен ден на сеќавањето, но дека е подготвена да ги повика Бошњаците да живеат во мир.

Тој повтори дека во Сребреница не се случил геноцид, туку дека тоа е злосторство, оценувајќи дека во Генералното собрание на ОН веројатно повеќе од 40 земји ќе бидат против Резолуцијата за Сребреница, а околу 80 биле воздржани, што е речиси двотретинско мнозинство што не е „за“.

„Бројот на оние што се ‘за’ е далеку помал од оние што се против и воздржани, што според досегашниот метод на одлучување во ОН би требало да значи дека резолуцијата не добила поддршка. Меѓутоа, Американците, како и секогаш, ќе си го приспособат тоа“, нагласи Додик.

Тој оцени дека гласањето на Бошњаците за прием на Косово во Советот на Европа, заедно со резолуцијата за Сребреница, е „здружен потфат на зли намери против српскиот народ“.

„Ако држите до Босна и Херцеговина, како можете да гласате за Косово ако БиХ не го признала Косово? Тоа не е работа на поединец, не е сопственост на еден човек или народ, така што вие не можете да одлучите… Тие би го признале Косово, но не и Република Српска. Нема? Па што сакате?“, додаде Додик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ