четврток, 17 октомври 2024

Додик: Ми нудеа да се согласам на централизација на БиХ во замена за ослободувачка пресуда, нормално одбив

Претседателот на Република Српска Милорад Додик повтори денес во источно Сараево дека судскиот процес кој се води против него поради неизвршување на одлуките на високиот претставник во БиХ е политички мотивиран, додавајќи дека му биле нудени разни нешта во замена за ослободувачка пресуда.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Понудени ми беа за ослободувачка пресуда разни нешта, од централизација на Босна и Херцеговина, што јас нормално го одбив“, кажа Додик на конференција за новинарите во источно Сараево.

Наведе дека одбил да се согласи и на решавање на прашањето со државниот имот, според кој единствен сопственик на имотот би била државата БиХ.

Тоа е причината поради која, како што оцени, судскиот процес се усложнува и се обидува да се забрза, додавајќи дека „го нема тоа нешто што ќе може да го добијат, во овој настран процес, за да обезбедат нешто што не е во согласност со уставот“.

„Значи, сè е лага“, заклучи Додик.

Тој повторно го негираше легитимитетот на високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, постоењето на „Бонските овластувања“ кои на високиот претставник му даваат можност да наметнува закони, дури и постоењето на самата Канцеларија на високиот претставник (ОХР), истакнувајќи дека во Анексот 10 од Дејтонскиот договор пишува дека постои „персонал на високиот претставник“, а не ОХР како правно лице.

Додик наведе дека е обвинет само затоа што, вршејќи ја својата уставна должност непотпишување на указот за прогласување два закони кои ги наметнал високиот претставник, искажал непочитување кон Шмит кој ги наметна тие закони.

Во Судот на БиХ денес продолжи судењето на претседателот на Република Српска Милорад Додик и вршителот на должноста директор на Службениот весник на РС Милош Лукиќ, поради неизвршување на одлуките на високиот претставник во БиХ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ