недела, 16 март 2025

Додик ги повика Трамп и Венс да спречат каква било форма на интервенција на НАТО во БиХ

Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС), Милорад Додик, во интервју за магазинот „Американ конзерватив“ ги повика американскиот претседател Доналд Трамп и американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс да спречат каква било форма на интервенција на НАТО во Босна и Херцеговина и да помогнат „да се поништат сите нелегитимни и недемократски одлуки на администрацијата на Бајден“.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Ние не сакаме војна, сакаме мир. Се стремиме да се бориме за нашите човекови права преку демократски средства. Нашата цел е да го вратиме оригиналното толкување на Дејтонскиот мировен договор. Помогнете ни да ги откажеме сите нелегитимни и недемократски одлуки што ни ги наметна администрацијата на претседателот Џозеф Бајден“, изјави Додик.

Како што пренесува порталот Српскаинфо, тој нагласил дека „Трамп и Венс можат да одиграат клучна улога во обезбедувањето почитување на Дејтонскиот мировен договор“.

„Ако не може да се постигне договор со босанските муслимани, нема причина сите три народи, Хрватите, муслиманите и Србите, да не можат да започнат дијалог за мирно, ненасилно распаѓање на Босна и Херцеговина“, рече Додик.

Тој истакна дека е подготвен и желен да се вклучи во работата со новата администрација во дискусиите за сите предизвици со кои се соочува БиХ и нејзината иднина.

Тој повтори дека Бошњаците во БиХ се обидуваат „да ја наметнат својата моќ на христијанското мнозинство во земјата“, оценувајќи дека „измешаните пораки од американската администрација и критиките за нејзините неодамнешни постапки доаѓаат од бирократите на „длабоката држава“.

Тој оцени дека пораката на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој изјави дека Додик ги поткопува институциите на Босна и Херцеговина, „е еднострана и изрази поддршка исклучиво за муслиманската страна“.

„Не го критикувам, туку го поканувам на дијалог. Сакам да ги слушне сите три перспективи, не само онаа на муслиманите во БиХ, кои се обидуваат да го наметнат своето владеење на христијанското мнозинство во земјата“, изјави Додик.

Во последните неколку дена владата на РС донесе низа закони, кои Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги поништи, затоа што го напаѓаат уставниот поредок на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ