На Додик пред Судот на БиХ од февруари 2024 година му се суди според обвинението што го товари за непочитување на одлуките на високиот претставник за БиХ Христијан Шмит.
Ако тој биде осуден, на Додик му се заканува казна до пет години затвор, која автоматски значи смена од должноста претседател на РС.
Тој во интервјуто за Телевизијата РС (РТРС) што се емитуваше вчера се закани дека осудувачка пресуда ќе доведе до распад на БиХ.
„Ако има таква одлука, што и да кажува некој, во истиот момент ќе имате собраниска одлука за издвојување од БиХ и референдум за независност на РС“, изјави Додик, на кој Судот на БиХ му одобри до 29 јануари да не мора да учествува во продолжението на судењето поради здравствената состојба.
Процена на лекарите е дека овој период му е потребен за заздравување по операцијата на која бил подложен поради вклештување на хранопроводот во една приватна клиника во Белград минатата година.
Но тоа не го спречи Додик да му даде на РТРС интервју во кое кажа дека „света задача на РС е излегување од БиХ“.
„Сметам дека морам РС да ја извлечам од БиХ“, рече тој, додавајќи дека очекува со доаѓањето на новата американска администрација да попуштат притисоците на политичарите од редот на босанските Срби.
Тој најави и дека размислува за тоа РС да се откаже од учеството во спроведувањето на реформите што би ја приближиле БиХ кон членството во Европската Унија.
Рече и дека овој ентитет има само проблеми поради барањата од ЕУ и верува дека влегувањето на БиХ во ЕУ значи исчезнување на РС.
„Кога ние ќе влеземе во ЕУ, тоа ќе значи дека ја нема Република Српска. Зарем тоа е цената што сака да ја плати овој народ? Нека ја плати. Јас не сакам. Додека јас го водам ова, тоа нема да се случи“, изјави Додик.