Во интервју за балканскиот огранок на руската пропагандна телевизија Раша тудеј, чие седиште е во Белград, покрај тоа што ја изрази својата лојалност кон Владимир Путин, Додик ја искористи можноста да го отвори прашањето за границите на европско тло и повторно да ја промовира својата стара идеја за одвојување на РС од Босна и Херцеговина и нејзино обединување со Србија.
Тој рече дека постојните граници не се „света крава“, па се осврна и на начинот на кој е призната независноста на сегашните држави создадени на територијата на поранешна Југославија.
„Ако Американците велат дека тоа не било отцепување со Словенците и Хрватите, туку реален факт на теренот, зарем и РС не беше вистински факт на теренот? Зошто нè вративте на таа глупост наречена БиХ? Ако можат Гренланд и Канада, ако можат Источна и Западна Германија, зошто сега РС не може да ѝ се придружи на Србија“, изјави Додик, додавајќи дека Русија има право на Украина.
Ако Путин не ја нападнеше Украина, тврди лидерот на босанските Срби, Русија ќе беше распадната на неколку помали држави кои ќе беа преземени од мултинационални компании.
„Но, тие не сметаа на фактот дека постои Путин кој има поддршка од народот и доволно решителност“, заклучи Додик.