сабота, 19 октомври 2024

Додека не заврши експропријацијата, Бехтел и Енка не можат да градат, признава Трајановски

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски се надева дека до пред Нова година конзорциумот Бехтел и Енка ќе почне со активности на терен за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10д, а дотогаш треба да биде завршена експропријацијата на имотите и да бидат дислоцирани и електричните и телекомуникациските водови.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соошти денеска Трајановски, интензивно се работи на експропријацијата за која претходната влада дала рокови кои требало да бидат завршени минатата година, а парите за таа намена биле надвор од планираните милијарда и 300 милиони евра за изградбата на автопатиштата.

„Потпишан е договор којшто е специфичен, којшто е по специјален закон. Вложуваме голем напор во експропријацијата. Додека не ја решиме тие не може да влезат. Тие влегуваат откако ќе биде исчистено земјиштето, значи да биде експроприрано, да бидат дислоцирани каблите, да има деминирање. Дури и проектирањето е под надлежност на Република Македонија и не спаѓа во тие милијарда и триста, така што интензивно работиме за да може што побрзо Бехтел и Енка да почнат да работат. Се надевам дека пред Нова година веќе ќе ги внесеме на терен“, изјави Трајановски, при посетата на Кавадарци.

Трајановски потенцираше дека станува зор за дополнителни средства покрај  планираните милијарда и триста милиони евра за патиштата.

Директорот на ЈПДП соопшти и дека го разгледуваат проблемот  на жителите на прилепското село Ореовец кои со блокада на патишта ги спречуваат ископите за делницата Прилеп-Битола, со образложение дека се нарушува статиката на нивните куќи и ќе се уништат изворите за вода.

„Сето тоа е од минатата влада и од минатиот градоначалник така што тоа е наследен проблем којшто ние понатаму треба да го решаваме“, изјави Трајановски.

Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка на 8 март минатата година потпиша  Договор со претходната Влада со кој се обврза до 2027 година да изгради четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10д. Со договорот се опфатени автопатските делници на Коридорот 8, Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри), Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар (над 17  километри) и Прилеп – Битола (40 километри) од Коридорот 10д. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ