сабота, 21 декември 2024

Додека ЛДП бара можност за отповикување на градоначалниците, Собранието ја почна расправата за Законот за локална самоуправа

Измени на Законот за локална самоуправа, со цел обезбедување законска можност граѓаните по пат на референдум да можат да ги отповикаат градоначалниците кои ги пустошат општините е единственото можно решение кое го предлага Либерално-демократската партија (ЛДП), откако денес по скратена постапка во Собранието започна расправата за Законот за локална самоуправа со кој се очекува до локалните избори во октомври следната година да нема нови избори во Гостивар, Аеродром и Сарај.

Објавено на

часот

Сподели

„Станува збор за закон за кој е потребно 2/3 мнозинство што бара широка дебата, а не скратена постапка. Воедно предлогот за продолжување на мандатот на в.д. градоначалник под изговор намалување на трошоците за избори откако актуелните градоначалници би добиле пратенички или министерски места го нарушува правото на избор на граѓаните, како и демократските принципи кои ја изрзуваат нивната волја и е спротивен на член 114 од Уставот“, појаснуваат од партијата.

Според ЛДП недемократски е граѓаните толку долг период до локалните избори, да бидат зависни од в.д. градноачалник кој не бил избран на непосредни избори, а избран од советниците.

„Наместо предлози кои ја уназадуваат работата на локално ниво имаме предлог кој е од интерес на граѓаните. Водени од фактот што често се соочуваме со градоначалници кои не ги исполнуваат своите основни надлежности, предлагаме амандман со кој ќе се обезбеди законски механизам за отповикување на градоначалниците пред истекот на нивниот мандат. Потребите на граѓаните и подобрување на животот во нивната општина не смеат да бидат ставени на милост и немилост поради политичките апетити на одредени функционери“, велат од ЛДП.

Од партијата очекуваат поддршка од сите политички субјекти бидејќи ваква можност содржел Законот за локална самоуправа од 1996 година кога имало механизам за отповикување на градоначалниците.

„За жал оваа круцијална одредба во Законот за локалната самоуправа од 2002 година е избришана и од тогаш па до денес, граѓаните се лишени од законска можност да покренат постапка за отповикување на градоначалниците. ЛДП е за легално избрани градоначалници на избори, а не политички комесари избрани во совет, и образложението дека изборите се скапи е ефтин трик со цел да дојди до безболна смена на погоренаведените градоначалници“, велат од партијата.

Во меѓувреме, Собранието ја започна расправата за измени на Законот за локална самоуправа со кој се очекува до локалните избори во октомври следната година да нема нови избори во Гостивар, Аеродром и Сарај.

Со предложените измени се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините каде по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат оваа функција до изборот на нов прв човек на општината. По парламентарните избори во земјата и изборот за министри и пратеници, в.д градоначалници има во Аеродром, во Гостивар и во Сарај.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на законот Никола Мицевски рече дека  законските измени треба да овозможат да нема избори за нов градоначалник до редовните избори ако има помалку од 12 месеци. Станува збор, потенцираше, за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори до октомври следната година.

„Со членот 4 се уредува преодно решение за постапката за распишување нови избори за градоначалник, поради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје по влегувањето во сила на овој закон. Имајќи во предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални,  продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот – односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори“, рече Мицевски, покрај кој предлагачи на законот се и пратениците Халил Снопче и Бобан Карапејовски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ