Новогодишниот концерт на плоштадот ќе почне во 19.30 часот со настап на Сара Мејс. Од 20.30 часот ќе настапи групата „Љубојна“, а потоа и „Ареа“ од 22 часот, и „Нокаут“ од 23.30.
Во Кисела Вода концертот ќе почне во 20 часот, а ќе настапат „Куку Леле“, „ДНК“, Врчак, Влатко Лозановски. Водител на вечерта ќе биде Игор Џамбазов, кој и ќе настапи со „Гуру Харе бенд“.
Општина Кисела Вода организира целодневна програма за сите генерации – од 10.30 часот е настапот на балетското студио „Лебед“, ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“, а за најмладите се најавени „Поточиња“, аниматори и Дедо Мраз.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека сите скопјани се добредојдени на организираниот пречек на Новата година кој, како што вели, „ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија“.
Покана до сите жители на Скопје испрати и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, најавувајќи „новогодишна атмосфера од 12 часот до утринските часови на плоштадот во општината, со богата ромска музика и песна“.