четврток, 26 декември 2024
Ненад Мицов

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Доброволна сексуална работа – мит, сензација или реалност?

Неуспехот да се направи разлика помеѓу доброволната сексуална работа и сексуалната експлоатација ги криминализира и стигматизира сексуалните работници кои доброволно одлучиле да се занимаваат со сексуална работа и во исто време, ги пренасочува вниманието и ресурсите потребни за помош на вистинските жртви на сексуална експлоатација и трговија со луѓе.

Во нашиот јавен дискурс темите за доброволната сексуална работа остануваат обвиткани со контроверзии, стигматизација и погрешни толкувања. Често, доброволната сексуална работа се изедначува со сексуална експлоатација, што создава погрешна перцепција за оваа професија и го попречува напредокот кон соодветни политики и пракси за најстарата професија во светот. Како што продолжуваат сензационалистичките напади кон сексуалните работници, ова прашање не престанува да се наметнува, поради што крајно време е да ги преиспитаме овие наративи и политики.

Едно од најчестите прашања поврзани со сексуалната работа е дали таа ги претвора луѓето во жртви на експлоатација. Доброволната сексуална работа подразбира личен избор на возрасни лица кои заради економски, лични или други причини, одлучуваат да пружаат сексуални услуги за одреден надомест. Спротивно на ова, сексуалната експлоатација и трговијата со луѓе се криминални активности во кои лицата се присилени или принудени да учествуваат во сексуални активности против нивна волја.

Неуспехот да се направи разлика помеѓу овие концепти им штети на двете групи – ги криминализира и стигматизира сексуалните работници кои доброволно одлучиле да се занимаваат со сексуална работа, а со тоа, во исто време, се пренасочуваат вниманието и ресурсите потребни за помош на вистинските жртви на сексуална експлоатација и трговија со луѓе.

Изедначувањето на овие поими ги лишува луѓето од концептите на самостојност, контрола врз својот живот и сопствен избор, со што се продлабочува стигматизирањето на оние кои доброволно избрале да ја работат оваа професија. На таков начин, погрешните наративи ги зајакнуваат патријархалните погледи кои ги претставуваат сексуалните работници ги како беспомошни жртви, наместо како активни субјекти со сопствена волја.

 Дезинформациите како напад врз маргинализираните групи

Дигиталното време го олесни животот на сите граѓани, споделувањето на информации никогаш не било побрзо, но во исто време, создаде плодна почва за споделување на погрешни информации. Сакале да признаеме или не, социјалните мрежи и алатки се меч со две острици кои играат клучна улога во формирањето на јавното мислење. „Виралните“ содржини и мамките за кликање често содржат дезинформации кои придонесуваат кон погрешни перцепции и (не)разликување помеѓу доброволната сексуална работа и сексуалната експлоатација. Сензационалистичките наслови и невистинитите приказни го поттикнуваат митот дека сите сексуални работници се жртви на експлоатација, што ја разнишува разликата меѓу доброволната работа и експлоатацијата. Таквите дезинформации придонесуваат кон негативна перцепција во јавноста и резултираат со повици за строги репресивни политики и за прекршување на човековите и работничките права на сексуалните работници.

 Разликата помеѓу доброволната сексуална работа и сексуалната експлоатација лежи во суштината на согласноста и во контекстот во кој се одвиваат овие активности. Доброволната сексуална работа подразбира одлука на возрасни лица кои избираат да се занимаваат со оваа професија како средство за егзистенција или лична независност, при што тие имаат контрола врз условите на работа. Во овој контекст, сексуалните работници имаат право на избор и можност да одлучуваат за себе.

Спротивно на тоа, сексуалната експлоатација и трговијата со луѓе претставуваат сериозни кршења на човековите права, каде што лицата се принудени, измамени или манипулирани да вршат сексуални активности против својата волја. Овие појави обично се придружени со злоупотреба, насилство и контролирање од трети лица, што ја одзема секоја можност за лична автономија.

 Како понатаму?

Пенализацијата и криминализацијата на доброволната сексуална работа носат бројни ризици кои ги принудуваат сексуалните работници да работат во нелегални услови, каде што се подложни на насилство, уцени и злоупотреба, без можност да се обратат до надлежните институции. Декриминализацијата нуди решенија кои се базираат на заштита и човечки права, детално образложено во двете иницијативи поднесени до Владата во 2021 и 2022 во рамки на  годишните Повици до граѓанскиот сектор за придонес во подготвувањето на Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2022 и 2023 година, соодветно. Иницијативите останаа во место поради слабата политичка волја за адресирање на овие прашања.

Декриминализацијата како пристап применет во земји како Нов Зеланд, покажува дека ваквите политики ги намалува случаите на насилство врз сексуалните работници, го подобрува пристапот до услуги и овозможува подобра соработка помеѓу сексуалните работници и институциите. Во Белгија каде доброволната сексуална работа е декриминализирана од 2022 година, сексуалните работници веќе се вклучуваат во борбата против сексуалната експлоатација и нудат поддршка за вистинските жртви.

Во овој контекст, сексуалните работници имаат право на избор и можност да ги постават границите во својата работа. Препознавањето на оваа дистинкција е клучно за осмислување на соодветни политики кои ги штитат жртвите на експлоатација без да ги маргинализираат и криминализираат оние кои доброволно избрале да се занимаваат со сексуална работа.

За спротивставување на штетните наративи и на погрешните перцепции во реалниот и дигиталниот простор, потребен е мултидимензионален пристап базиран на гласот на сексуалните работници и на вистинските жртви. Потребни се јавни кампањи кои ќе ги истакнат разликите помеѓу сексуалната работа и експлоатацијата, обезбедувајќи јавна дискусија поткрепена со факти, а не со сензационализам.

Дигиталните платформи треба да преземат поголема одговорност за справување со дезинформациите, додека медиумите мора да усвојат етички пристап во известувањето и пристап базиран на почитување на човековите права на сите.

Инвестицијата во медиумска писменост и борбата со ширење на погрешни информации, дополнително ќе го намали влијанието на штетните наративи, создавајќи основа за поинклузивно и поправедно општество, а работниците од најстарата професија на светот, непречено ќе ја обезбедуваат својата егзистенција, а неретко и егзистенцијата на нивните семејства и домаќинства.

Ненад Мицов

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Акционери и реакционери (либерал-капиталистичка бајка)

Кики Стаматојани

„Ништо не се губи, ако барем еден човек се сеќава“

Ристо Цицонков

За некои термини во областа на енергетиката

Љубомир Николовски

НБА еволуција: од Џордан, преку Кари до Јокиќ, Дончиќ и Вембањама

Соња Стојадиновиќ

ЕУ и САД наспроти Кина

Данијела Зорчец

Справување со булингот кај децата со тешкотии во развојот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ