вторник, 10 декември 2024

Добивме подрумско сместување, ќе ја тужиме Данела Арсовска, велат од коалицијата Менуваме

Суарет Алишан од Коалицијата „Менуваме“ денеска реагираше дека наместо формирање на нов инклузивен центар за деца и лица со попреченост, којшто претходно бил изгласан од страна на Советот на Град Скопје, децата и лицата со попреченост ќе бидат сместени во подрумски простории на гимназијата „Јосип Броз Тито”. Алишан вели дека ќе поднесат кривична пријава против градоначалничката Данела Арсовска за заблудување на градскиот Совет.

Објавено на

часот

Сподели

„Благодарение на најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и на останатите партии во Советот, беше изгласана одлуката за формирање на модерен инклузивен центар за деца и лица со попреченост од 600 квадрати за потоа да следува носење на одлука за проектот да се презентира во Советот на Градот, која што одлука не ја донесоа“, изјави Алишан.

Вели дека наместо одлука за локацијата на центарот и за формирање на мешовита институција која ќе подразбира поделба на одговорностите и менаџирање на центарот за деца и лица со попречености, Град Скопје без проектен план и содржина во која ќе го образложи функционирањето на центарот, донел одлука центарот да се смести во, како што рече, подрум од 50 квадрати.

„Решија нас децата и лицата со попреченост да нѐ сместат во тие подруми, наместо во услови што се предвидени согласно нормативите објавени на страната на Министерството за труд и социјална политика како треба да изгледа еден центар. Надвор од сето тоа, тие решија да го прават центарот. Како организација ова го детектиравме кога се носеше буџетот во Град Скопје, кој се донесе на шверцерски начин, кога увидовме дека не сме во тој буџет“, изјави Алишан.

Тој најави дека Коалицијата ќе поднесе кривична пријава до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за, како што рече, заблудување на Советот и криење на ваквиот Центар, како и за непостоење на проект.

„Како граѓанска организација ќе поднесеме кривични пријави до градоначалничката Арсовска, прво за заблудување на целиот Совет и криење за ваков центар. Исто така, за непостоење на проект кој треба да го прикаже центарот и истовремено за необјавување на тендер. Ние не знаеме која фирма го изведува тој проект. Второ, директорката на училиштето го нема запознаено Управниот одбор на училиштето, ниту пак Родителскиот одбор. Во ова училиште доаѓаат 1.200 деца. Замислите кога децата ќе се пуштат на голем или мал одмор по скалите кое стампедо, што ќе им се случува и кој стрес ќе го доживуваат децата со попреченост“, рече Алишан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ