сабота, 27 јули 2024

Доаѓа 11 Октомври, а го промашивме 8 Септември !

Поштарот повеќе не ѕвони два пати. Тој воопшто не ѕвони. Само доаѓа и остава. А, пред да дојде, изгледа оди по долгиот пат преку седум реки и седум планини низ седумте континенти, за пак да дојде во Скопје. Од каде и што тргнал, од Центар за поштарот пошта да носи во Центар. И сега, како ќе го прославиме Денот на востанието 11 Октомври, кога сме го испуштиле 8 Септември, Денот на независноста?

Објавено на

часот

Сподели

Државата соработува со државата. Па така Талат Џафери како прв меѓу еднаквите во државното Собрание, својата пошта ја испраќа преку државната Пошта. Има и повод. Кани на прием по повод 8 Септември. За државата се работи.

Оваа покана Џафери уредно ја напишал на 31 август и им ја предал на своите службеници за да се испрати преку Пошта на адреса во центарот на Скопје. Таму некаде на 4 септември Поштата удрила печат на пликото. И, тргнала поканата преку седумте континенти. Поминал приемот, ден потоа и празникот 8 Септември, ама повјасала поштата па поканата стасала пред празникот 11 Октомври.

Празник си е празник. И двата се државни. И Талат Џафери прави државни приеми. Можеби ќе се реши да направи прием и за 11 Октомври? Ако не се збунат примателите.

А примателите отидени во Пошта за да реагираат, имаат што да се изнаслушаат пред шалтерите. Луѓе лути, со подигнати веѓи викаат: А бе фактурите ги испративме пред еден месец, а ни велат не сме пратиле. Испаѓаме лажговци, ни велат манипулираме со парите!

Од зад шалтерот велат: Не е до нас, сигурни ли сте дека сте пратиле?

Каде е шефот, се дерат од пред шалтерот?

И така поштарот продолжува пошта да носи. Никој во Пошта ниту со веѓа не помрдна, ниту со око трепна.

А, во редакцијата на МКД.мк имаме нешто помалку тазе случај, кога пред десетина дена дојде препорачано писмо испратено уште во јули! Реакција на директорка на училиште по еден наш објавен текст. Поштарот поминал и повеќе од седум реки и планини.

Како што во МКД.мк во април годинава поштарот ни донесе покана за Скопскиот џез фестивал кој се беше одржал во декември минатата година!.

Како што сиот тој џез беше отсвирен, така сега и еден од државните празници си беше прославен. Со кого како…

                                                                                                              П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ