петок, 13 декември 2024
Панел - дискусија „Достоинствен живот или преживување?“

До крајот на годината четвртина Македонци нема да живеат, ќе преживуваат

До крајот на 2023 година во Македонија ќе има над половина милион граѓани што се во умерена сиромаштија. Тука спаѓаат сите што имаат помалку од 200 денари на ден, што значи повеќе од четвртина од државата ќе имаат само за преживување, истакна економскиот истражувач проф. д-р Бранимир Јовановиќ на панел – дискусија на тема „Достоинствен живот или преживување?“, организирана од Македонската платформа против сиромаштијата, во рамки на одбележувањето на интернационалниот ден за искоренување на сиромаштијата, 17 октомври, чија годинашна порака е „Пристојна работа и социјална заштита: достоинството во пракса, за сите!“. Јовановиќ ги презентираше наодите од студијата што ја направи заедно со Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој и која мери и проценува за колку ќе се зголеми сиромаштијата во дражавава како последица на поскапувањето, односно во 2023 година споредено со 2021 година. 

Објавено на

часот

Сподели

Во анализата е направена проценка за два вида сиромаштија – екстремна и умерена. Во екстремна сиромаштија живеат граѓани кои можат да потрошат помалку од 60 денари на ден, а во умерена сиромаштија се луѓе што живеат со помалку од 200 денари на ден.

„Резултатите од анализата покажуваат дека екстремната сиромаштија, како последица на оваа криза, ќе порасне за помеѓу 12.000 и 28.000 луѓе, што изнесува помеѓу 20 и 50 отсто зголемување во однос на претходната состојба, затоа што пред кризата државата имала околу 56.000 луѓе што живеат во екстремна сиромаштија“, истакна Јовановиќ.

Тој нагласи дека во умерената сиромаштија бројките се уште поголеми, односно таа ќе порасне за помеѓу 80.000 и 160.000 луѓе.

„Пред кризата таа бројка била околу 360.000 луѓе, сега според најновите податоци може да достигне до 510.000“, рече тој.

Неговите препораки се државата да ги замрзне цените и да ги држи замрзнати подолг временски период, да се спречи растот на цените и да се стави под контрола инфлацијата и паралелно со тоа да се зголемат сите примања на луѓето.

„Со ова нема да се намали тој број. Бројот на сиромашни драстично ќе порасне, но барем малку да се ублажи“, порача Јовановиќ.

Според Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), потрошувачката синдикална кошничка изнесува околу 50.000 денари, што значи дека едно четиричлено семејство треба зедно да заработува една минимална и една просечна плата за да може да се преживее со 100, 150 денари на ден.

„Кога почнавме да ја пресметуваме кошничката, една карта за во театар беше луксуз, една паста за заби беше луксуз, витамините беа луксуз… Сега, во истата кошничка од 50.000 денари, не се зема во предвид дека некој плаќа кредит, живее под кирија, туку станува збор за четиричлено семејство кое што живее во 50 квадрати стан, со две деца, па ова семејство има само за дијазепам и аналгин, има само за едно парче летна и зимска облека во годината, има за храна и пијалоци во висина од 20.000 денари, што значи дека една плата веќе е потрошена на основни продукти за преживување“, вели тој.

Според Пешевски, најголем дел од работниците живеат под прагот на сиромаштија, односно со околу 100 до 150 денари на ден, а посочува дека иако во годините наназад платите статистички растат, граѓаните и работниците ја губат куповната моќ.

„Она што го имавме како инфлација минатата година се предвидува дека ќе го имаме и оваа и следната година.  Мојот апел ќе биде да се вратат парите на работниците ако сакаме да нема повеќе сиромаштија во државата. Не бараме кратење на 78 отсто од платите на функционерите, туку за тој процент да се зголемат и платите на работниците за да имаме и ние достоинствен живот и за да можеме да ги исправиме неправдите кон работниците во државата. Сѐ повеќе граѓаните и работниците се жалат дека не се преживува ниту со минимална, ниту со просечна плата, а камоли со две минимални плати“, вели тој.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека со сиромаштијата не се соочува само Македонија, туку и останатите земји во светот.

„Денеска е јасно дека доколку за време на последниве три кризни години, пост-ковид, енергетска и економска криза, Владата не ги спроведеше мерките кои ги спроведовме за заштита на стандардот на најранливите групи, а потоа и зачувување на работните места, денеска ќе имавме полоша слика“, изјави тој.

Вицепремиерот додаде дека студиите, како таа што денеска беше презентирана се добри за креирање на политики базирани на докази и дека такви ќе продолжат да се прават.

„Постојано велам дека системските решенија се нужни за стабилност и предвидлив развој, но и едновремено ги заштитуваат најранливите, оние чии права, први и најлесно се повредени во време на криза или политички премрежја. Ние донесовме такви системски решенија, како што се носењето на минималната плата и методологијата за пресметка на пензиите. Оваа категорија на граѓани, како никогаш од независноста, сега е заштитена токму од ваквите појави. Оваа Влада покажала дека се грижи, подеднакво за сите, така и ќе продолжиме“, нагласи Битиќи.

Панел – дискусијата ја отвори претседателката на Македонската платформа против сиромаштија (МППС) која порача дека справувањето со сиромаштијата е политичка одлука и секој од нас е важен во таа борба.
 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ