сабота, 27 јули 2024
Прегласување во седум избирачки места

До 10.30 часот излезноста во ИЕ6 е 10,17 отсто, а во ИЕ5 е 6,39 отсто

Според податоците на Државната изборна комисија објавени на интернет страницата на комисијата, во седумте гласачки места во изборните единици 5 и 6 до 10.35 часот излегле 7,22 отсто од ибзирачите. Во Шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во село Ларце кај Желино, излегле 10,17 отсто од граѓаните со право на глас, додека во Петтата изборна единица, на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, на гласање излегле 6,39 отсто од гласачите.

Објавено на

часот

Сподели

Од ДИК се информирани дека до 9 часот, од вкупно запишаните 4.514 гласачи гласале 326 гласачи. Во споредба со гласањето на 8 мај, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 4,07 проценти на овие избирачки места.

Најголема излезност има на избирачкото место во Крушево каде гласале 57 гласачи односно 12,15 проценти, а најмала е излезноста во Долнени на избирачкото место 1470/1 каде до 9 часот гласале 14 гласачи односно 2,22 проценти.

На избирачкото место 2101 во Желино гласале 101 гласач односно излезноста е 10,17 проценти, во избирачкото место 1202 во Крушево гласале 22 гласачи односно 7,38 проценти, на избирачкото место 1272 во Охрид гласале 54 гласачи односно 7,59 проценти, а на второто избирачко место во Долнени со број 1470 гласале 22 гласачи или 3,34 проценти. Во Струга на избирачкото место 1844 излезноста е 7,44 проценти односно гласале 56 гласачи.

Гласањето на Избирачкото место 1272 во Општина Охрид каде се повторуваат Парламентарните избори одржани на 8 мај се одвива непречено. Како што информираа од ОИК, гласачкото место е отворено навреме, а изборниот процес тече согласно процедурите.

Изборното место 1272 се наоѓа во ОУ „Христо Узунов“, на улицата Питу Гули, во охридската населба Горна Влашка маала. Според Единствениот избирачки список, на тоа избирачко место има вкупно 711 избирачи, од кои на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај на гласање излегле 433 лица, односно 60,9 отсто од избирачкото тело.

Според ОИК, во текот на вчерашниот ден кога гласаа болните и немоќни лица, лицата кои издржуваат казна затвор и лицата сместени во центрите за вонсемејна грижа, на ИМ 1272 во Охрид, правото на глас го искористиле двете запишани лица во посебниот извод од Избирачкиот список.

Навреме почна и гласањето во избирачкото место 1844 во Струга. Заменик претседателката на Општинската изборна комисија Деспина Влаќеска информира дека гласачкото место било отворено во 7 часот и оти гласањето тече непречено.

Во ова избирачко место 1844 во единствениот избирачки список регистрирани се 755 гласачи, од кои двајца своето гласачко право го оствариле вчера во затворот во Скопје.

Во избирачкото место број 2101 во селото Ларце, во Општина Желино, гласањето е почнато навреме.

„Гласањето се одвива без проблеми“, изјави Бујар Сулејмани, претседател на ОИК Желино.

Право на глас на ова избирачко место имаат 993 граѓани.

Во 7 часот се отворени четирите избирачки места, по две во општина Долнени и две во општина Крушево каде се прегласува за парламентарните избори во петтата изборна единица. Гласањето почна непречено и без проблеми, потврдуваат од општинските изборни комисии.

Во Крушево се прегласува на по едно избирачко место во населените места Јакреново и Бучин: во Јакреново е избирачкото место 1202, а во Бучин 1194. На двете избирачки места вкупно се запишани 767 жители со право на глас.

Вчера своето право на глас имаа можност да го искористат 26 болни и изнемоштени лица.

Во Долнени се прегласува на две избирачки места (1470 и 1470/1) каде вкупно се запишани 1290 гласачи. Двете избирачки места се во населеното место Дебреште. Вчера беше спроведено гласањето за 9 болни лица.

Во овие избирачки места се прегласува откако Државната изборна комисија го поништи гласањето, а Управниот суд ги потврди овие одлуки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ