сабота, 27 јули 2024

ДНК и оружјето го поврзуваат осомничениот за убиствата во Шиша бар со убиството на Халкидики

Пронајден пиштол, ракавици и капа во Ханиоти, заедно со ДНК-добиена од македонските органи, беа доволни за грчката полиција да соопшти дека за убистовото што се случи на Халкидики летово се сомничи истото лице кое е во притвор во Скопје како осомничено за ликвидацијата во Шиша бар во Старата скопска чаршија во март минатата година.

Објавено на

часот

Сподели

По половина година се чини расветлено е убиството што се случи на 15 јули минатата година кога смртно беше застрелан бизнисменот Орхан Бајрами – Оки, а ранет неговиот пријател Сеад Слезовиќ. Тие беа застрелани од две маскирани лица во движење додека со женско друштво седеле во изнајмена вила во летувалиштето Ханиоти на Халкидики. Грчката полиција информира дека по повеќемесечната соработка со македонските полициски тигри е склопен мозаикот. Соучесник во убиството е лицето кое е во притвор за помагање во ликвидацијата што со автоматско оружје се случи во март лани во Шиша бар во Старата скопска чаршија кога е убиен нарко водач со 19 истрели.

Разрешницата се случила кога во друга вила во близината на вилата во Ханиоти во која се случи убиството, но во зафрлен дел од летувалиштето, грчката полиција пронајде пиштол со придушувач и шаржер, капа и ракавици. Вештачењето на оружјето и барутните честички и податоците од скопското обвинителство покажале дека се работи за истото оружје користено претходно за ликвидацијата во Шиша бар.

Грчката полиција вчера соопшти дека по детална истрага на полициските службеници, идентификуван е „странскиот државјанин кој лани во јули заедно со неговиот соучесник пукал и смртно ранил странски државјанин, нивен сонародник и повредил уште еден сонародник, кои биле на одмор на Халкидики“. Понатаму грчкото МВР наведува дека  странскиот државјанин всушност е уапсен и задржан во притвор во својата земја, како осомничен за учество во убиството на две лица, што се случи лани во март во Скопје.

Грчките власти преземаат дејствија за негова екстрадиција.

На извршителите на убиството сомнежот паднал уште во август минатата година, а сомнежите биле потврдени и од македонската полиција, пишуваат грчките медиуми. Токму во август беше уапсен Г.М. (31) како соучесник за убиството во скопскиот бар, а истото лице се тврди дека е соучесник и во ликвидацијата на Халкидики. Мотивот, според грчката полиција, е пресметка меѓу два конкуретски нарко групации.

Како што пренесува грчкиот медиум вориа.гр, се чини дека во прес-службата на македонската полиција биле изненадени за поставеното прашање и кажале дека податоците на грчката полиција за убиецот им биле дадени уште летото. Според истиот медиум, примероци од ДНК им биле дадени на грчките истражни органи веднаш по ликвидацијата со калашникови во Старата скопска чаршија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ